ИРЦ: Судан е најтешка хуманитарна криза во светот

16.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ИРЦ: Судан е најтешка хуманитарна криза во светот

Воено разурнатиот Судан, зафатен од најлошата бегалска криза во светот, повторно е на врвот на листата на земји кои се изложени на ризик од понатамошно влошување на хуманитарната ситуација во 2026 година, објави денеска Меѓународниот комитет за спасување (ИРЦ).

Рангирањето на ИРЦ вклучува 20 земји кои се изложени на најголем ризик во 2026 година, а Судан е на прво место трета година по ред. На второ место се Појасот Газа и Западен Брег, а на трето – Јужен Судан.

Како што наведе ИРЦ. граѓанската војна во Судан, која избувна во април 2023 година не покажува знаци на смирување. Цели градови се под опсада поради што е невозможна достава на хуманитарна помош, а секое понатамошно ескалирање на борбите меѓу паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) и суданската армија ризикува ширење на насилството во други делови од Судан.

Во извештајот на ИРЦ насловен „Нов светски безпоредок“ се истакнува и оти милиони луѓе во Судан се жртви на насилство, глад и болести.

- Овогодишниот список е доказ за човечкото страдање, но и предупредување: без итна акција од оние кои имаат моќ да ги променат работите, 2026 година би можела да стане најопасната година досега, изјави претседателот на ИРЦ, Дејвид Милибанд.

Обединетите нации конфликтот во Судан го опишуваат како најголема хуманитарна криза во светот. Околу 12 милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови поради борбите, а еден од двајца жители е изложен на ризик од неисхранетост.

Од април 2023 година во третата по големина африканска држава се водат борби за превласт помеѓу суданската армија и РСФ. Судирите избија поради предлогот за повторно воспоставување на цивилна власт во Судан. Од воениот удар во 2021 година со Судан раководи Суверен совет составен од армиски генерали.

РСФ е под команда на потпретседателот на Советот, генерал Мохамед Хамдан Дагал, а армијата ја предводи генералот Абдел Фатах ал Бурхан, кој е претседател на Суверениот совет. Според предложената транзиција кон цивилна влада, РСФ ќе биде интегрирана во суданската армија. РСФ бараше транзицијата да биде одложена за 10 години, но не се согласи армијата.

РСФ се составени од припадници на полицијата Џанџавид, обвинети за злосторства за време на долгата и смртоносна војна што започна во 2003 година во Дарфур, западен Судан, исто така е обвинета дека била вклучена во задушувањето на бунтот против диктаторот Омар ал Башир кон крајот на 2018 година, што кулминираше со неговото соборување од власт во април 2019 година.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата