Зад приказната „Рускаја“ која е љубов која се шири низ целиот свет се потпишува името на успешната девојка Мимоза.
Мимоза по професија е адвокат и е доктор на науки, а за своето секојдневие вели дека ѝ е исполнето со секакви човечки судбини кои ги решава низ нејзината работа.
„Верувајте, тоа е голем одлив на енергија и многу време, а истите на некој начин треба да се вратат – затоа ја создадов приказната 'Рускаја'“, вели нашата инстаграм-хероина.
За својата приказна „Рускаја“ таа вели:
„Уметноста е љубов, љубовта е дар за луѓето со чиста душа и големо срце, а креативноста е за оние кои знаат да го препознаат уникатното, знаат да комуницираат на сите јазици низ таа создадена уметност. Преку приказната „Рускаја“ срцето е полно, инспирацијата се зголемува, па така ноќите се кратки за да се твори додека не се раздени. Моите рачни изработки се заштитени по пат на трговска марка и мислам дека иако не сум единствена во таа работа, сепак сум една од ретките која ја заштитила својата работа на таков начин, а на истите ставам уште еден печат на нешто уникатно и свое“.
Мимоза вели дека твори откога знае за себе, има учествувано на многу ликовни конкурси, а и освојувано награди и сертификати.
Па, ајде да ја запознаеме „Рускаја Арт“ низ 5 нејзини фотографии:
1. „Секоја тематика има своја приказна… Ангелите кои станаа заштитен знак на „Рускаја“ се проткаени со многу нежност и свиленкавост во творењето. Кога ги гледам како и музика да слушам, како и ветер да дува, сонце да грее и снег да вее… Како да се смеат, а не зборуваат, нè оставаат нас да кажеме збор-два за емоциите кои ни ги предизвикале“.
2. „Беретките за мене се препознатлив знак. Без беретка или шешир не излегувам од дома, затоа почнав да креирам уникатни беретки кои во целост рачно ги изработувам. До сега имам искреирано повеќе од 150 различни модели со различни техники, а хит останаа рачно цртаните кои даваат белег на едно модерно време“.
3. „Моите матрушки, моите мали љубовчиња кои ме враќаат во Русија каде има снегулки како во цртаните филмови. Моите брошеви кои секого оставија без здив. Работени се на филц, со природно зајачко крзно, а ликот е од стакло. Топлат душа и срце и се дел од многу софистицирани аутфити на наши драги дами“.
4. „Нова година, најубавиот период од годината за мене кој ме инспирира да ги создадам најубавите луксузни лампиони работени по пат на руска техника. Толку популарност не верував дека ќе предизвикаат и - толку многу продажба. Верувајте од сега почнав да ја креирам следната колекција која ќе биде слична, но многу, многу полуксузна. А, за Велигден, очекувајте го новиот хит на 'Рускаја'“,
5. „Музичките кутии со балерини се новиот производ на Рускаја. Верувајте пред да легнам, ја пуштам неколку пати и во уживање на таа глетка заспивам со најубави мисли. Првата музичка кутија се појавила во 1770 година во Швајцарија, а докажано е во одредени истражувања дека е совршен подарок поради тоа што го поттикнува чувството на носталгија“.