Галичка свадба 2026 - Александар и Мартина ја крунисаа љубовта со вековните галички обичаи

12.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Галичка свадба 2026 -  Александар и Мартина ја крунисаа љубовта со вековните галички обичаи

Но, нивната свадба годинава не е само продолжение на традицијата, таа е и продолжение на посебна семејна приказна. Пред точно 35 години, на првата современа Галичка свадба, судбоносното „да“ го кажале и родителите на младоженецот. Денес, истата чест му припадна и нему, правејќи ја оваа свадба единствена по својата симболика. Тесните галички сокаци беа исполнети со бројни посетители, домашни и странски, кои имаа можност да бидат дел од овој посебен ден. Атмосферата и чувството да се присуствува на Галичката свадба го опишаа како незаборавно и прекрасно искуство.

Главните свадбарски обичаи започнаа уште во раните утрински часови. Според вековната традиција, меѓу обичаите се бричењето на зетот, гледањето низ прстен, но и одењето по вода од трите галички чешми. Откако невестата ја напушта родната куќа, свадбената поворка, придружена од звуците на зурлите и тапаните, минува низ преполните галички сокаци.. Младенците судбоносното „да“ го кажаа во црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“, а веселбата продолжи со изведба на мијачки песни и традиционална музика, со кои и годинава беше заокружена една од најпрепознатливите македонски традиции. Токму еден од највпечатливите моменти е изведбата на традиционалните македонски ора по венчавањето.

Младенците се закитија и со бројни дарови, меѓу кои и пафта со мотив од Галичник од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова...

Галичката свадба се одржува секое лето и претставува една од најзначајните културни манифестации во земјава, која повеќе од шест децении го зачувува автентичниот свадбениот обред, песните, ората и носиите на Мијаците.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата