Текстот на резолуцијата, усвоен со 288 гласа „за“ и 54 „против“, има суштинска симболична вредност. Против гласаа само пратениците на екстремно левичарската партија Неосвоена Франција (ЛФИ), додека Националниот собир (РН) и умерената десничарска партија „Републиканци“ беа воздржани, пренесува Поинт.
Иако текстот, предложен од пратеничката група „ЛИОТ“ беше изгласан со големо мнозинство, прашањето за конфискација на руски имот беше една од клучните точки на поделба во Собранието. Ова посебно го бранеше поранешниот премиер и пратеник на партијата „Преродба“, Габриел Атал, додека власта се спротивстави, стравувајќи дека финансиската стабилност на Европа може да биде загрозена, пратениците на РН и ЛФИ се спротивставија на оваа идеја, а пратениците на Националниот собир повикаа на „преиспитување на меѓународното право“.
Во соопштението за медиумите, партијата „Неосвоена Франција“ објасни дека „избрала да гласа против европската резолуција за војната во Украина“, сметајќи дека резолуцијата е „целосно одвоена од меѓународната ситуација“.
„Оваа резолуција во ниту еден момент не го доведува во прашање договорот на Франција со САД, бидејќи текстот ја промовира европската одбрана чии наредби ќе ја охрабрат американската индустрија за оружје, на штета на нашата независност“, се додава во соопштението.
Жестоката дебата во Националното собрание на Франција денеска беше предизвикана и од прашањето за европската одбрана и поддршката на процесот за приклучување на Украина во Европската унија, меѓу пратениците од РН, ЛФИ и други партии.
„Да, можеме да ја поддржиме Украина без да сакаме таа систематски да се приклучи на Европската унија. Дури сакам да кажам дека бидејќи го поддржуваме нејзиниот суверенитет, ја советуваме да не се приклучува“, рече Лоран Јакобели од Националниот собир.
Пратеничката на ЛФИ, Софија Чикиру, исто така, ја отфрли можноста Украина да се приклучи на европскиот блок.
-Имаме право да кажеме дека не сакаме во рамките на Европската унија земја во која минималната плата е 200 евра, посочи таа.
Франсоа Руфин од Партијата на зелените оцени дека „слободното движење ќе доведе до катастрофа“, додека претставникот на Унијата на правата за Републиката (УДР) Максим Мишел предупреди дека „сметката за ова проширување сепак ќе ја плати францускиот народ“.