Дури и кога одмораме честопати во главата ни се врти сè што треба да направиме.
За многумина, недела е сè само не ден за одмор. Чистење, купување, завршување останати работи, размислување за тоа што ги чека од понеделник. На социјалните мрежи се шири тренд наречен “French Sunday” или „француска недела“, инспириран од француската традиција за неделен одмор. Модерната верзија на „француската недела“, нема строги правила: може да спиете подолго, да отидете на ручек со пријателите, да читате, шетате или едноставно, да го правите она во што уживате.
Психотерапевтот Алексис Вербин предупредува дека многу луѓе – особено оние склони кон перфекционизам – никогаш вистински не го „исклучуваат“ мозокот. Викендите им се исполнети со домашни обврски, електронски пораки, семејни задолженија и бескрајни списоци со задачи, па затоа ја започнуваат неделата исто толку исцрпени како што ја завршиле во петокот.
Дури и кога одмараме, честопати во мислите ги листаме обврските што нè чекаат. Терапевтот Х. Џ. Чо објаснува дека оваа состојба повеќе наликува на постојана, блага готовност отколку на вистински одмор. Ако во текот на неделата никогаш навистина не ги оставиме обврските настрана, новата работна недела може да се доживее како нивно обично продолжение. „Француската недела“ може да им помогне и на оние што чувствуваат страв од неделата – односно анксиозност и непријатност поради тоа што се ближи понеделник. Целта не е целосно да се елиминира грижата за претстојната работна недела, туку да се спречи таа да го окупира целиот слободен ден.
Но, што ако не можете да си дозволите цел ден без обврски? Вербин предлага да започнете со два или три часа во кои немате никакви планови. Исклучете ги пораките поврзани со работа и не го претворајте слободното време во проект за „самоусовршување“. Не мора дури ни да лежите на каучот. Прошетајте без да ги броите чекорите, појадувајте на раат, читајте за задоволство, јавете му се на некој стар пријател или направете нешто што не носи мерлив резултат. Идејата е да изберете активност што ви носи радост или релаксација, наместо таква што ви овозможува само да штиклирате уште една ставка од списокот со обврски. За многумина, ова можеби е и најтешкиот дел од овој тренд: да се прифати дека одморот не е нешто што прво мора да се заслужи. Парадоксално, стручните лица истакнуваат дека паузата од постојаната продуктивност може да ни помогне да се вратиме на работа чувствувајќи се поодморени, пофокусирани и потрпеливи.
Извор: vecernji.hr

