Европската комисија ќе отвори формална постапка против кинеската платформа за онлајн-продажба Тему со цел да испита дали ги крши правилата за спречување на продажба на нелегални производи, пренесува „Блумберг“ повикувајќи се на анонимни извори. Истрагата, исто така, ќе утврди дали Тему го прекршил европскиот Закон за дигитални услуги (DSA), додава њујоршката агенција.
По формалната истрага на ЕУ, Тему има право да предложи контрамерки за решавање на загриженоста на Европската комисија и да избегне потенцијални високи казни.
Истражната постапка следуваше откако ЕУ на 11 октомври побара од Тему да објави какви мерки презема за да спречи продажба на фалсификувани или небезбедни производи на платформата.
Европската комисија тогаш соопшти дека побарала детални информации и интерни документи за преземените мерки за спречување и повторно појавување на трговци кои продаваат нелегални производи на Тему.
Информациите што Temu досега ги соопшти до ЕК се оценети како незадоволителни и не ја намалија загриженоста на ЕУ, додаваат анонимните извори.