Европскиот совет денеска воспостави нова рамка за рестриктивни мерки поврзани со „дестабилизирачките активности на Русија во странство“, која треба да и овозможи на Унијата таргетирање на поединци и субјекти вклучени во активностите и политиките на руските власти за поткопување на основните вредности на ЕУ и на безбедноста, независноста и интегритетот на државите членки, трети земји и на меѓународни организации.
- ЕУ од сега ќе може да се справува со различни хибридни закани, како што се поткопување на изборните процеси и на функционирањето на демократските институции, закани и саботажа на економските активности, услугите од јавен интерес или критичната инфраструктура, употреба на координирано ширење на дезинформации, манипулации со информации и странско мешање, злонамерни кибер акции, инструментализација на мигрантите и други дестабилизирачки активности, се наведува во соопштението.
Одлуката е донесена на предлог на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, како дел од одговорот на Унијата на континуираната кампања на хибридни активности од страна на Русија, чиј интензитет, според оценките на Брисел, од неодамна се зголемени преку нови операции на европско тло.
Согласно правилата на оваа нова рамка, санкционираните ќе подлежат на замрзнување на имотот, а на граѓани и компании од ЕУ ќе им биде забрането да им даваат средства на располагање. Дополнително, на стационираните физички лица ќе им биде изречена забрана за патување, влез или транзитираат низ територијата на ЕУ.
Со Стратешкиот компас за безбедност и одбрана, одобрен од Европскиот совет во 2022 година, е предвидено создавање на механизам на хибридни алатки на ЕУ, што ќе ги обедини постоечките и можните нови инструменти за откривање и одговор на широкиот опсег на хибридни закани. Овој механизам е оперативен од декември 2022 година.
На 21 мај годинава, Советот на ЕУ усвои заклучоци во кои се посочува дека „државни и недржавни актери се повеќе користат хибридни тактики, кои претставуваат растечка закана за безбедноста на ЕУ, нејзините земји членки и партнери“ и се повикуваат институциите на ЕУ и земјите членки да ги зајакнат активностите за следење на обидите на странски актери за мешање во демократскиот процес на ЕУ.
Во заклучоците, пак, на Советот од 27 јуни годинава се осудуваат „сите видови хибридни активности, кои се во пораст и се насочени кон ЕУ, нејзините земји членки и партнери“ и се повикува на воспоставување нов режим на санкции поврзани со хибридните закани.