Советот на ЕУ усвои две нови директиви кои имаат за цел да им ги олеснат патувањата на лицата со посебни потреби низ територијата на Европската Унија, јави дописникот на МИА од Брисел.
Станува збор за директивите за воведување на европска картичка за инвалидитет и на европска паркинг картичка за лицата со посебни потреби.
Според Советот на ЕУ, овие картички ќе обезбедат пристап до посебни услови или повластен третман на лицата со посебни потреби при патување низ ЕУ, како што се ослободување од плаќање на влезни такси или нивна наплата по пониски цени, приоритетен пристап, помош, како и резервирани места за паркирање.
Со директивите се предвидува овие повластици да важат и за лицата со посебни потреби кои не се државјани на земја членка на ЕУ, но имаат легално регулиран престој во некоја од државите на Унијата.
Издавањето на овие картички, во физичка или дигитална форма, е во надлежност на властите на земјите членки на ЕУ.
Рокот во кој членките на Унијата треба да го усогласат националното законодавство со овие две директиви е две и пол години, а за примена на предвидените мерки е предвиден рок од три и пол години по нивното стапување во сила.
Иницијативата за воведување европска картичка за инвалидитет ја промовираше Европската комисија лани во септември, по што Советот на ЕУ и Европскиот парламент во февруари годинава ги усогласија ставовите околу текстот на содржината на Директивата за европска картичка за инвалидитет.
Еден месец по првата иницијатива, во октомври 2023 година, ЕК предложи воспоставување на европска паркинг картичка за лицата со посебни потреби, за што Советот и ЕП постигнаа согласност на 4 март 2024 година.