ЕУ предлага забрана за социјалните мрежи за деца под 13 години

19.09.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ предлага забрана за социјалните мрежи за деца под 13 години

Децата под 13 години би можеле да останат без пристап до TikTok, Instagram и другите платформи, а за оние под 15 години да важат строги ограничувања. Европа бара начин како да ги заштити младите од штетните содржини, без притоа да ја загрози нивната приватност.

Но, идејата за ограничување на пристапот веќе отвора и дилеми. Дел од активистите за детски права и некои земји членки предупредуваат дека целосните забрани можат да го ограничат правото на младите на информирање и изразување. Затоа, предлогот не се однесува само на социјалните мрежи – опфатени се и платформите за видеоигри и чет-ботовите со вештачка интелигенција.

Доколку ваквите правила станат дел од европската регулатива, Македонија не треба да остане настрана од процесот. Комуникологот Бојан Кордалов за Канал 5 смета дека земјава треба да ги следи европските законски решенија и практики за заштита на децата во дигиталниот простор.

„Македонија треба да ја следи Европската легистатива и таа што предложува и прави,не би рекол дека зборуваме за ограничување туку за целосно редифинирање на праксата и можностите кои се нудат, тоа значи различни опции за деца од 11 години...понатаму за малолетници до 15 и до 18 години“-– Бојан Кордалов.

Самата забрана тешко дека би била доволна за вистинска заштита на децата, оценува Кордалов Според него, ефект би имало доколку ограничувањата се спроведуваат со јасен план и правила – под кои услови младите ќе можат да ги користат социјалните мрежи, со вклученост на институциите и следење на решенијата што ги предвидува европското законодавство.

,,Јас секогаш кажувам забрана како забрана сама по себе не може да биде ефикасна но,план програма под кои услови, што ќе се користи и која ќе биде алтернативата е многу поразлично од самата забрана дека од утре нема да има социјални мрежи“,  – Бојан Кордалов.

Во Македонија, засега, нема најава за ваква забрана. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски неодамна изјави дека не се планира ограничување на пристапот до социјалните мрежи за децата, туку се разгледуваат други мерки за нивна заштита.

Во декември лани,Австралија веќе стана првата земја во светот што забрани користење социјални мрежи за лица под 16 години.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата