Оваа 36-годишна девојка и претходно имала мали корекции по кои не доживеала никакви негативни реакции, но инјекцијата за филер за усни која ја примила во април минатата година и предизвикала многу непријатен оток, пренесе Мирор.
Имено, по инјекциите кои ѝ ги дал колега лекар, нејзината усна се удвоила и се појавила многу голема модринка. Набргу потоа Едита почнала да слабее, а докторот ѝ препорачал веднаш да направи тест на крвта. Не долго по резултатите, таа добила повик да оди директно во болница.
Лекарот се посомневал дека можеби има леукемија, а дополнителните тестови ги потврдиле неговите сомнежи и на Едита ѝ била дијагностицирана хронична миелоидна леукемија (ХМЛ), која всушност е рак на коскената срцевина и белите крвни зрнца. Наскоро добила орална хемотерапија и е во ремисија, но до крајот на животот ќе користи лекови за да спречи враќање на болеста.
Филерот за усни што го примила бил спас за неа, бидејќи можеби никогаш немало да посети лекар за да го истражи изворот на модринката што ја доведе до нејзината дијагноза.
- Малкумина можат да кажат дека филерите за усни им го спасиле животот - но јас можам! Да не се појавеа модринките и да не бев охрабрена да одам на општ лекар за тоа, можеби ќе одложев да одам повторно и повторно, предизвикувајќи напредување на леукемијата и многу потешко заздравувањето. Немав поим за симптомите на леукемија, па дури бев среќна што малку ослабев пред одморот, а бидејќи пиев многу енергетски пијалоци, ми го прикриваа уморот - објаснува Едита.
Таа сега истакнува дека мора да се шири свеста за леукемијата и на што да се внимава за повеќе луѓе да можат навреме да ја добијат својата дијагноза.
Истражувањето на Leukemia Care и Leukemia UK објави нови наоди дека меѓу 2.000 возрасни во Британија, помалку од една шестина (само 14 проценти) можеле да ги идентификуваат сите четири главни симптоми на овој рак на крвта. А тоа се невообичаени модринки, невообичаени крварења, замор и постојани повторливи инфекции.
Организациите велат дека толкаво „незнаење“ придонесува за повеќе од една третина од оние на кои им е дијагностицирано да ги добиваат вестите доцна, иако има околу 10.000 луѓе дијагностицирани со леукемија во Британија - и речиси 5.000 смртни случаи. Поточно, годишно умираат 37 отсто од оние на кои им е дијагностицирана леукемија, што е повеќе од кој било друг вид на рак.
Дополнително, оние на кои им е дијагностицирана акутна миелоидна леукемија (АМЛ) се несразмерно погодени од болеста, при што повеќе од половина од нив се дијагностицирани како итен случај. Овој тип на леукемија е особено агресивен и брзо се развива, па раната дијагноза и третман се уште поважни.
Само во Велика Британија секој ден 27 од нив дознаваат за дијагноза на леукемија, а моментално над 50.000 од нив живеат со оваа болест. И покрај вообичаените заблуди, леукемијата не е само болест која се јавува во детството, бидејќи најмногу ги погодува луѓето постари од 65 години.