Под историското џепане, во поранешната касарна која се движи кон генерациски заборав, а денеска најубава урбана зона на јужната страна од градот, се уште сведочат војничките ровови, бункери и два авиони положени на зелена писта на познатиот рид, Тумбе Кафе во Битола.
Хроничарите на градот потсетуваат дека касарната на поранешната југословенска армија беше недопирлива територија за битолчани, но авионите, заради поставеноста, во средишниот појас на Тумбе Кафе, веднаш под радарот, беа и се, лесно видливи од повеќе страни на градот.
- Двата авиони F-86 Sabre, се од американско потекло и според моите истражувања нивното производство датира од периодот меѓу 1947-1949 година. Млазните авиони ловци имаат едно седиште и еден мотор, што е лесно видливо и на авионите во Битола. Во поранешната држава, тогашната армија располагаше со над 200 авиони од овој тип и беа користени се до 1974 година, кога според моите информации заради скапа набавка и одржување, беа исклучени од воената опрема на армијата, односно авијацијата. Но, за нас посебно важно, особено со независноста на Македонија, беше тоа што двата авиони останаа во кругот на битолската касарна и ни служеа за обука. Токму на сегашната локација учевме, а потоа и пренесувавме знаења за борбените карактеристики на авионите, за време на воена вежба беше спроведувано боево гаѓање со школска муниција, организиравме курсеви, изработувавме макети и што уште не, вели Перица Поповски, поранешен пилот, едрилиричар, воздухополовец и истакнат член на Аеро клубот во Битола.
Поповски, некогашен член на едриличарската база на Битола, пензионер на Воздухопловниот сојуз на Македонија и меѓудругото, автор на книгата „Воздухопловни радио управувани модели“, посочува дека е добро што авионите останале во градот затоа што со распадот на СФРЈ, тогашниот Генералштаб одзел се што било исправно за користење.
За зачувување, но и репарација на авионите, се залага и професорот по едриличарство Ило Трајков, кој своите пензионерски денови ги користи да пешачи низ Тумбе Кафе, но како што вели, се почесто ја заобиколува локацијата кај авионите затоа што жали да гледа како пропаѓаат.
- Во својата професионална кариера како наставник обучив околу 300 едриличари и стотина пилоти. Љубовта кон едрилиците и авионите е преголема и затоа во минатото, или како викаме ние по битолски, на времето додека бев активен, се интересирав и барав барем еден од двата авиони да биде целосен и технички исправен. Ако ништо друго, сакав барем еден од авионите да биде репрезентативен експонат. Ние сеуште неможеме да прежалиме дека во Битола имавме една едрилица изработена во Македонија која беше многу убава и се викаше Илинденка. Едрилицата беше реставрирана во Белград, пред извесно време беше донесена на аеро митинг во Битола за да ја видиме, и повторно ја вратија во Белград. За тоа да не се случува сакав барем еден авион да се реконструира. Последниот пат кога шетајќи по Тумбе Кафе повторно ги видов авионите, забележав дека се многу оштетени, исчкртани, деца се качуваа врз нив не знаејќи колку тоа може да биде опасно. Затоа одлучив повеќе да не одам на тој дел од Тумбе Кафе, но не се откажувам од желбата авионите да се заштитат, да не им се повтори судбината како на многу други спортски авиони кои пропаднале. Можеби треба да се следи примерот со скопската населба Аеродром каде што во тамошниот парк е изложен еден авион и тоа е симпатично и примамливо за посетители, вели Трајков.
Според битолчанецот Миле Димитровски, авионите никому непречат и се интересни, посебно за младите, за рекреативците кои често се движат низ Тумбе Кафе, Тоа што врз нив има многу графити, креативни и некреативни цртежи, вели, не го намалува вниманието, но потребни се неколку активности за промена на ситуацијата.
- Предлагам да се постави информативна табла на која секој ќе прочита за какви авиони станува збор, како се нашле на оваа зелена писта, исклучително рамна површина на овој дел од ридот. Потребно е да се стават знаци со предупредување, осветлување или да има бариери кај стрмнината. Зошто е тоа важно!? Затоа што површината е небезбедна! Пристапот до авионите порано беше целосно слободен и вистинска среќа е што некое возило во романтична ноќ, или млади кои што не го познаваат теренот, несакајќи можеле да паднат под височинката, каде што има канал. Потребно е јасно предупредување пред локацијата за да не се случи несакан инцидент и авионите да ги гледаме безбедно, вели Димитровски, кого го затекнавме додека ги фотографиравме авионите.
Гледано од денешен аспект, веројатноста за нова туристичка атракција во градот е мала, затоа што според новиот урбанистичкиот план за овој дел на поранешната касарна, предвидена е маркица за изградба на хотел. Авионите на Тумбе Кафе не се заштитени со закон, не претставуваат културно историско наследство и може да бидат дислоцирани во првата прилика кога ќе се појави првиот инвеститор за градба на хотел, едногласни се битолските архитекти и урбанисти.
- Не треба да се дозволи авионите преку ноќ да „одлетаат“ од Битола. Тоа ќе биде најголемата загуба без разлика на регулативите и можностите од урбанистики аспект. На територијата на поранешната касарна никнува нов град, но лично сметам дека непречи авионите да бидат згрижени и заштитени. Неодамна млади луѓе лично и на своја иницијатива ги подигнаа паднатите крилја на авионите, а скоро никогаш никој не оставил смет околу нив. Тоа значи дека посетителите ја сакаат оваа локација, пред се заради авионите, но и заради градот кој токму од ова место ви е како на дланка. И, конечно мислам дека град како Битола со традиција во воздухопловството и едриличарството, со многу пилоти кои пораснале на ова поднебје, а ќе ги има и во иднина, треба со факти да потсетува на своето вредно минато, вели Никола Ристевски.
Млазните авиони-ловци и понатаму се ловци на погледи и љубопитност за битолчани и други посетители на Тумбе Кафе. Авионите сведочат за моќта на железните птици, за хероите на небото, но и за традицијата на ова поднебје, за Битола како колевка на едриличарството и моторното летање./МИА