Имено, освен граничниот премин Дојрани и истоименото населено место, кое е во состав на Кукуш, два рибни ресторани и една продавница и уредено крајбрежие, поголемиот дел од Езерото е слика како од друг предел - со исушени дабови дрвја во водата и секако поглед кон Дојран, кој сепак е многу поразличен од поделената вода со граничната линија низ која се протегаат познатите „буриња“ со кои таа е исцртана и без ниту едно друго населено место.
Заедно со мојот пријател и придружник Ниази Зулфликаров-Надо, кој „Ѓолот“, како што дојранчани го нарекуваат Езерото, го „ има во џеб“, прва десетинација ни беше рибниот ресторан (таверна) „Васили“ веднаш на влез во Грција на граничниот премин, но претходно направивме прошетка по уреденото шеталиште кое се протега од некогашната водена кула за парните локомотиви, па се до брегот.
Прво што ни падна во очи е „Езерскиот музеј“ кој е изграден во 2000 година и беше затворен кога МИА беше таму и големиот зараснат канал „Ѓолаја“ со трска и шамак, низ кој, како што објаснува Надо, истекувал вишокот вода од Езерото.
-Сега, по сушните години, нивото е пониско и водата не истекува преку него. Тој канал оди до реката Вардар кај Поликастро и според кажувања до пред 30 години преку него во зима влегувале јагули од Егејското Море, кои тука се мрестеле и потоа се враќале назад. На самиот крај од каналот има мини брана, која по потреба се подигнува и се пушта водата да тече, објаснува Зулфликаров.
Ми ги покажува местата со големи камења, од каде на дланка се гледа Дојран, но и влезот кај јужниот сосед, каде, до пред неколку години, заедно со пријателите, рибареле и на нивните јадици се закачувале големи примероци на дојрански крап, па на тоа му завидувале и тукашните риболовци, кои имале помалку рибарска среќа од него.
Се упатуваме кон рибниот ресторан (таверна) „Васили“ сопственост на Васили Василис, кој 19 години работи и на менито секогаш има дојранска риба-крап, сом и костреж или како што го нарекуваат кострежот во двете места-„перкија“.
-Во Дојрани живеат околу педесетина жители. Работа има колку да се преживее. Гости имам повеќе од околните поголеми места и исклучиво служам дојранска риба. По тоа е позната мојата таверна и секој кој сака вкусна риба доаѓа тука. Во летниот период застануваат туристи, но тие најчесто пијат само кафе, се освежуваат и продолжуваат понатаму, вели Васили.
Додава дека често пати оди од другата страна на границата, најчесто во дојранските казина, но и да пазарува во нашите маркети кои се поефтини од грчките.
Според јавно достапни податоци порано во Дојрани живееле околу 1.100 жители, но со тек на времето се иселиле во поголемите грчки градови, претежно во Кукуш и Солун. Тоа го потврдува и Васили, кој вели дека освен рибарство и по малку земјоделство нема од што друго да се живее во Дојрани и затоа жителите заминале.
Заминуваме од таверната на Васили и се упатуваме по широкиот и простран асфалтен пат кон другата страна на Езерото. Прво на што наидуваме е знакот дека влегуваме во областа на „1.000 дрвја“, односно заштитен споменик на природата во кој има дабови дрвја потопени во водата,стари и по неколку векови.
Според мојот придружник Надо, од оваа страна Езерото водата е почиста бидејќи нема загадување и дното има повеќе чакал, но, како што вели тој тука има и повеќе риба, односно дојранскиот крап тука се собира, бидејќи е потивко, но често е мета на рибокрадци, посебно кога се мрести.
Веднаш до локацијата „1.000 дрвја“ забележлива е една руина, која до повеќе години била ресторан веднаш до Езерото, но кога нивото на водата се зголемило, тој останал под водата и оттогаш не работи.
Се враќаме назад. Вниманието ни го привлекува старата железничка линија и кулата за вода за полнење на некогашните парни локомотиви изградена во 1876 година. Сегашната железничка линија и станица сега се повнатре во грчка територија, 1,3 километри од Дојрани и низ неа поминува железничката линија од Солун кон граничниот премин Промохонос-Кулата, кон Бугарија. Токму таа пруга, која некогаш поминувала на стотина метри од брегот на Езерото и тука завршувала за време до Втората светска војна и била изградена за потребите на грчката армија, е неразделно поврзана со култниот ресторан „Фук так“ во Дојран.
Сегашниот сопственик, Митко Јанев со гордост ја раскажува приказната за ресторанот.
-Ова место го изградил дедо Туше, во далечната 1884 година, како прв објект од таков вид околу Дојранското Езеро, односно како напојница за коњи, а подоцна во четириесеттите години на минатиот век како меана. Легендата вели дека дедо Туше името „Фук-так“, на ова место со душа, му го дал според звуците на локомотивата од возот од железничката линија која поминувала во непосредна близина на Дојран. Дедо Туше заедно со своите врсници трчал кога возот поминувал, кој тогаш му звучел како фук-так, фук-так, фук-так. Оваа приказна може да ја прочитате и во менито на „Фук-Так“: „Ти, што во моментов го читаш ова, знај дека седиш во домаќинска куќа. Во гостилница направена со труд, крв, пот, солзи, песни...и многу љубов. Вратите ти се секогаш ширум отворени. Ако сѐ уште се мислиш што да нарачаш, еве ти предлог. Во мое време тоа одеше вака: ракија, салата, чорба, икра, риба...па вино. И додека ја чекаш нарачката, само да знаеш...местото на кое седиш е истото она на кое седел нашиот Гоце Делчев, другарот Тито, Ѓорѓи Абаџиев, Антон Панов, Блаже Конески, Никола Бадев, Петре Прличко, Илија Џаџев, Симеон Гугуловски, Петранка Костадинова, Васка Илиева, Мите Грозданов, Ристо Шишков, Гане Тодоровски, Анте Попоски, Љубен Ташкоски... цела плејада министри, амбасадори, претседатели, лекари, академици, професори... кои живееле, живеат, или барем еднаш ја посетиле Македонија, раскажува Јанев.
Додава дека како две места Дојран и Дојрани имаат коректен однос. Инциденти скоро и да не се паметат.
-Имаме гости од другата страна на границата, но повеќе во зимскиот период, бидејќи на лето тие одат на море. Според мои проценки околу 30 до 40 отсто наши гости се Грците, посочува Јанев.
Малку провокативно го прашав во кој дел од Езерото има повеќе риба - во нашиот или во грчкиот?
-Можеби повеќе на другата страна, бидејќи тие таму што ловат риба се концентрирани само на рибарството. На нашите рибари тоа не им е единствена професија. Таму се регистрирани како земјоделци, односно рибари и плаќат паушален данок, додава Јанев, кој сепак малку на шега, малку на вистина вели дека тие се поголеми мајстори за подготвување дојранска риба, посебно на далеку познатата риба печена на трска.
Инаку, 62,54 отсто од површината на Езерото, односно 26,58 километри квадратни и припаѓа на нашата држава, а 37,46 отсто односно 15,92 квадратни километри на Грција./МИА.

