Денеска е Св. великомаченик Димитриј – Митровден.
Свети Димитриј се родил во Солун, во третиот век. Бил син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го поставил Димитриј на истото место и посебно му препорачал да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонел, туку и јавно ја исповедал и проповедал верата во воскреснатиот Христос. Штом слушнал за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, свратил во Солун, за да ја испита работата.
Го повикал Димитриј, кој не ја одрекувал својата вера и дури и го убедувал цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството.
Максимијан се разгневил и го фрлил Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погубил. Некои христијани го зеле неговото тело и чесно бил погребан. На тоа место подоцна била подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден-денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.
Именден слават: Димитрија,Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…
За овој ден постои верување. Во очите на Митровден секој треба да биде во својата куќа, бидејќи ако не биде дома, тој цела година ќе преноќува по туѓи куќи. За Митровден, исто така, се верува дека претскажува каква ќе биде зимата. Ако денот е сончев, наводно зимата ќе биде блага, со исклучително малку студени денови. Ако на Митровден падне снег, се верува дека снегот ќе се задржи до април.
Славење
Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството и за него не се поврзани некои посебни обичаи или обреди. Вечерта пред празникот се прави „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што поблиските се канат со лепче или со некој друг предмет. На денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако прзникот падне во ден кога се пости. Исто така, на гости се оди и следниот ден, претпладне. Инаку, сите луѓе кои се викаат Димитар, Димитрија, Диме, Митре или некоја друга варијанта, на овој ден слават именден, кој се прави навечер.
Народни обичаи
Народниот обичај наложувал да се остане дома. Се верувало дека оној којшто дента нема да биде дома, цела година ќе биде надвор од него и ќе преспива по туѓи домови. Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник. За Митровден се верувало дека ќе се претскаже каква ќе била зимата. Ако денот бил сончев, наводно зимата ќе биде блага, со мал број ладни денови. Ако на Митровден паднело снег, се верува дека ќе се задржи се до април. Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле безобразни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.