Белгискиот нуркач и подводен фотограф Стеф Панис открил гајба со недопрени шишиња пиво и џин во остатоците од брод што потонал во 1864 година кај Довер, во југоисточна Велика Британија; едно шише со етикета „Guinness London“ привлече меѓународно внимание, а компанијата „Гинис“ изјави дека би сакала да го испита во својата лабораторија.
Нуркачот го открил потонатиот брод „Миндоро“ на длабочина од 25 метри и внатре пронашол гајба со шишиња, меѓу кои и едно од познатиот бренд за пиво, пренесува фламанскиот радиодифузер VRT.
„Ова шише ми го привлече вниманието бидејќи, исто како шише шампањ, имаше некаков вид капаче на врвот“, изјавил Панис.
Тој истакнал дека на шишето со пиво, кое 162 години лежело на морското дно, стоела етикетата „Guinness London“ – што е особено интересен детал со оглед на тоа што пивото „Гинис“ се произведува во Ирска, а не во Лондон.
Панис објасни дека од компанијата „Гинис“ дознал оти, во времето кога потонал бродот, вообичаена практика било пивото да се транспортира во буриња до разни локации – вклучително и Лондон – за таму да се флашира и дистрибуира.
„Миндоро“, бродот во чија близина биле пронајдени шишињата со алкохол стари 162 години, бил дрвен едреник што превезувал колонијален товар на пат кон Ванкувер. Покрај остатоците од бродот, на морското дно биле пронајдени и прибор за јадење, чинии, бројни шишиња вино, пиво и џин, како и делови од пушки и воени ремени.
„Таму [во Ванкувер] бил стациониран полк на британската армија, а бродот превезувал залихи за нив. Нуркањето до остатоците од бродот е како патување низ времето, така да се каже“, рече Панис.

