Заменик државниот обвинител на САД, Тод Бланш се состана во канцеларијата на американскиот државен обвинител во Талахаси, Флорида, со долгогодишната соработничка на Џефри Епстин, Гилејн Максвел, обвинета за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација, јави Еј-Би-Си Њуз.
Според снимките на телевизија, Бланш и вршителот на должноста помошник државен обвинител Диего Пестана, вчера влегле во канцеларијата на американскиот државен обвинител, која се наоѓа во зградата на сојузниот суд. Средбата била претходно најавена, откако Бланш објави дека ги контактирал адвокатите на Максвел, за да види дали таа можеби има „информации за некого кој извршил злосторства против жртви“.
Бланш рече дека планира да разговара со Максвел за сите информации што ги има за други лица на кои Епстин можеби им помагал сексуално да злоставуваат девојчиња. Максвел отслужува 20-годишна казна во сојузен затвор во Талахаси, откако поротата ја осуди за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација во 2021 година.
Таа се жалеше на пресудата, а нејзиниот адвокат Дејвид Оскар Маркус претходно потврди дека е во преговори со владата.
Врз основа на разговорите со претставниците на Министерството за правда ќе биде одлучено дали Максвел ќе сведочи и пред Конгресот.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација се соочуваат со сè поголем притисок од поддржувачите на Трамп да објават дополнителни информации за истрагата на Министерството за правда за Епстин.
Џефри Епстин почина во затворска ќелија во Њујорк во 2019 година додека чекаше судење поради обвиненија за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација, по претходна осуда за посредување со малолетнички. Неговата смрт беше прогласена за самоубиство.