Му била дијагностицирана дебелина, па дури и му препишале „оземпик“ пред да го откријат израстокот, што доведе до 10-часовна операција за негово отстранување, објави Њујорк Пост.
Томас Краут (59) бил опериран во Осло, бидејќи неговиот стомак станувал сѐ поголем и поголем, а лекарите првично биле убедени дека тој едноставно е дебел. Тој бил испратен на режими за слабеење и диета додека ракот растел во него.
Краут, по потекло од Германија, се преселил во Норвешка за да работи како оптичар во 2008 година, додека неговата сопруга Инес работи во здравствениот сектор. Во 2011 година почнал да има здравствени проблеми, а стомакот сѐ повеќе и повеќе му растел. Првично му бил дијагностициран дијабетес тип 2 и дебелина во 2012 година.
Но, 12 години подоцна, лекар внимателно го погледнал додека го подготвувал за операција на желудникот за да се справи со неговата дебелина. Тогаш сфатија дека Краут не само што е дебел, туку и дека во него расте џиновски малигнен тумор.
„Мојот стомак стануваше сѐ поголем. Ми дадоа Оземпик за дијабетес и неколку години пред операцијата на стомак морав да земам курсеви за исхрана и фитнес “.
Лекарот брзо сфатил дека тврдата површина на стомакот на Томас не е од дебелина.
„Ми го притискаше стомакот. Беше тврд, не мек како сало“, рече Краут „Исто така, изгубив толку многу килограми со промената на исхраната и Оземикот што лицето и рацете ми беа многу тенки. Само стомакот ми беше огромен. Докторот дури рече дека сум всушност неухранет“.
Лекарот веднаш наредил томографија која открила огромен тумор.
„Тоа беше вистински шок за мене“, признал Краут „Ми беше зафатен бубрегот, бидејќи туморот се хранел со мојот десен бубрег.“
На лекарите им биле потребни две недели за да го дијагностицираат реткиот масен тумор, кој всушност се состои од повеќе помали канцерогени области опкружени со маснотии.
Краут бил подложен на 10-часовна операција за отстранување на огромниот тумор на 26 септември 2023 година. Кога бил отстранет, тежел 27 килограми и имал дијаметар од 52,3 сантиметри.
Тоа му нанело значителна штета на телото и морало да му биде отстранет дел од тенкото црево, како и десниот бубрег, а во него сè уште расте канцерогено ткиво.
"На секои две недели одам на терапија на психолог. Морам да одам на онколог двапати годишно бидејќи се уште имам туморско ткиво во мене кое расте. Ми рекоа дека не може да се извади бидејќи е поврзано со повеќе органи. “ рече тој.
Краут и неговата сопруга поднеле тужба против лекарите кои не успеале да го откријат огромниот и потенцијално смртоносен тумор. Првично бил отфрлен бидејќи типот на туморот е толку редок што лекарите рекоа дека не може да се обвинат што не го откриле.
Неговиот адвокат веќе поднел приговор.
„Мојот адвокат поднесе приговор. Ќе успее некако“, рече Краут.