Парламентарните избори во Албанија беа одржани на 11 мај, победа прогласи Социјалистичката партија на Еди Рама, но Централната изборна комисија, сеуште нема објавено официјални резултати, поради огромниот број приговори и пребројувањето на гласовите во многу гласачки места.
Претседателот на ЦИК, Илирјан Целибаши, денеска изјави дека за да се гарантира завршувањето на пребројувањето во предвидените рокови, целата администрација на ЦИК ќе работи без прекин, вклучително и месеците јули и август, додека годишните одмори на вработените се одложени.
Посочи дека е почнато пребројувањето на над 610 илјади гласови во Тирана и Фиер, кое се очекува да трае од 18 до 20 дена, не сметајќи го времето за обработка на жалбите во Изборниот колегиум.
-Барем првата половина од август сè уште ќе нè најде ангажирани со изборите на 11 мај, нагласи Целибаши.
Според него пребројувањето на гласови ќе се спроведе без барање дополнителни средства од државниот буџет.
-Заштедивме значителна сума пари од договорот со давателот на поштенски услуги за гласање на дијаспората во странство, односно околу 3 милиони евра. Поради тоа нема да бараме дополнителни средства за оваа фаза од изборниот процес, рече тој.
Конституирањето на новиот албански законодавен дом се очекува да биде на 8 септември а неколку дена подоцна се планира гласање за новата влада, која ќе ја предводи Еди Рама, што е негов четврт премиерски мандат.