Вучиќ по средбата со ММФ: Србија ќе договори нов аранжман со ММФ од следната година

14.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Вучиќ по средбата со ММФ: Србија ќе договори нов аранжман со ММФ од следната година

Србија продолжува по патот на фискалната стабилност, но ќе мораме да бидеме уште подисциплинирани и поодговорни од претходно, соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ на својот официјален профил на Инстаграм по средбата со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ во соопштението кажа дека преговорите биле „тешки“ но и дека е постигнат голем напредок.

-Ова го потврди шефот на мисијата Донал Мекгетиган. Тој ми честиташе за постигнувањето на инвестицискиот рејтинг на Србија и го истакна успешното завршување на четвртата и последна ревизија на сегашниот стенд-бај аранжман, како и договорот за новиот PCI аранжман од следната година, најави претседателот на Србија.

PCI (Policy Coordination Instrument ) или Инструментот за координација на политиките е еден вид нефинансиски аранжман чија цел, како што е дефинирано од самиот ММФ, е да им помогне на земјите да ја покажат својата посветеност на реформите и да ја „отворат вратата“ за финансирање од други извори.

-Потврден е договорот за одржување буџетски дефицит од три отсто во периодот 2025-2027 година, со приоритизирање на капиталните проекти. Делегацијата на ММФ ја истакна важноста од почитување на фискалните правила, особено кога се во прашање платите и пензиите, како и потребата од внимателно управување со трошоците во земјоделството, инфраструктурата и здравството, наведе Вучиќ во објавата на Инстаграм.

„Ја изразив мојата благодарност за поддршката на ММФ и ја истакнав посветеноста на Србија за понатамошна фискална консолидација и спроведување на структурни реформи, вклучително и реформи во енергетскиот сектор и управувањето со јавните претпријатија“, заклучи Вучиќ.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата