Во Србија стапката на ризик од сиромаштија 19,7 отсто

20.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Србија стапката на ризик од сиромаштија 19,7 отсто

Во исто време, стапката на ризик од сиромаштија или социјална исклученост изнесува 24,3 проценти, што е пониско од претходната година за 2,9 процентни поени, соопшти српскиот Завод за статистика.

Стапката на ризик од сиромаштија го претставува процентот на лица чиј расположлив еквивалентен приход е помал од прагот на ризик од сиромаштија, кој во 2024 година изнесуваше 35.606 динари (303 евра) во просек месечно за едночлено домаќинство.

Прагот на ризик од сиромаштија за домаќинство со двајца возрасни и едно дете под 14 години беше 64.091 динар, додека за домаќинство од четири лица со двајца возрасни и две деца под 14 години беше 74.773 динари.

Лицата над 65 години се најмногу изложени на ризик од сиромаштија. Речиси еден од четири, или 23,6 проценти, е на работ на сиромаштијата, додека ова се однесува на 22,7 проценти од населението во возрасната група од 55 до 65 години.

Лицата на возраст од 25 до 54 години имале најниска стапка на ризик од сиромаштија - 16,4 проценти.

Според видот на домаќинството, највисока стапка на ризик од сиромаштија имало кај едночлените домаќинства составени од лица над 65 години - дури 36,9 проценти.

Исто така, ризикот е висок кај семејствата со три или повеќе издржувани деца - 29,1 процент.

Од друга страна, домаќинствата со три или повеќе возрасни лица имале најниска стапка на ризик од сиромаштија - 11,8 проценти.

Како што може да се очекува, невработените имаат најголем ризик од сиромаштија, повеќе од половина (50,8 проценти). Самовработените лица имале повисока стапка на ризик од сиромаштија од лицата вработени кај работодавач, 12,7 проценти во споредба со 4,8 проценти. Кај пензионерите, оваа стапка била 21,1 процент.

Стапката на ризик од сиромаштија се зголемува на 24,7 проценти ако социјалните бенефиции се исклучени од приходите. А дека пензиите се најважниот социјален фактор, покажува и фактот дека стапката на ризик од сиромаштија кога пензиите се исклучени од приходите е дури 41,6 проценти.

Стапката на ризик од трајна сиромаштија е намалена на 11,6 проценти од 12,9 проценти во 2023 година.

38 проценти од граѓаните живеат во домаќинства кои не можат да си дозволат еднонеделен одмор далеку од дома. Околу 15 проценти од населението не можат да си дозволат месо или риба за оброк секој втор ден. Повеќе од една третина не можат да поднесат неочекуван трошок, а 9,3 проценти не можат да си дозволат соодветно греење на станот.

Трошоците за домување претставуваат еден од најголемите финансиски товари за домаќинствата. За 46,6 проценти, овие трошоци значително го оптоваруваат буџетот на домаќинството, а за 49,4 проценти го оптоваруваат до одреден степен. Само четири проценти од домаќинствата велат дека трошоците за домување воопшто не ги оптоваруваат. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата