Во Косово денеска мирно, но тензично

27.05.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Косово денеска мирно, но тензично

По вчерашниот конфликт меѓу граѓаните и косовската полиција во општините со мнозинско српско население Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, денеска се останати само оклопните возилата за разбивање на протести на косовската полиција.

Пред општинските објекти целосно е блокиран пристапот од страна на косовската полиција. Заради немирите српскиот претседател итно закажа седница на Советот за безбедност и ја подигна борбената  готовоност на армијата по која во соопштението порачаа дека Србија ќе биде цврста и одлучна во заштитата на својот народ поради бруталната примена на сила од страна премиерот Албин Курти и неговите сили кон српскиот народ на Косово и Метохија.

Во соопштението по завршувањето на седницата на советот за национална безбедност се оценува и дека Кфор не ја извшил својата улога на Косово. Во гостувањето на РТС министерот за надворешни работи оцени дека ова е најопасната фаза во решавањето на Косовското прашање.

На административните премини „Јариње“ и „Брњак“ денеска нема застој, а патничкиот и товарниот сообраќај се одвиваат без проблеми. Тензиите во општините со мнозинско српско население во Косово се случија откако новоизбраните градоначалници, на изборите што ги бојкотираа Србите а на кои имаше само 3,4% излезност, вчера ги презедоа функциите и влегоа во општинските згради. Во судир на косовската полиција со Србите беа повредени десетина лица. Шефот на парламентарната комисија за Косово, Милован Дрецун, обвини дека косовскиот премиер Албин Курти намерно го избрал вчерашниот ден за инцидентите на северот на Косово поради митингот на српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, со цел да го испровоцира српскиот народ. Денеска Вучиќ си даде оставка од функцијата претседател на партијата за да се посвети на тоа да биде претседател на Србија.

Постапките на косовските власти наидоа на осуда од меѓународната заедница.

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, со остра осуда го повика премиерот Албин Курти да го смени курсот и потенцираше дека Косово постапува спротивно на советите на САД и европските партнери. Европската Унија, пак, нагласи дека нема да прифати никакви дополнителни еднострани или провокативни дејствија и порача дека приоритет треба да бидат зачувување на мирот и безбедноста на теренот.

 На својот фејсбук профил се огласи и премирот на Косово Курти кој се заблагодари на полицијата за професионалноста и напиша дека е свесен за загриженоста на меѓународнитре партнери но дека секоја друга опција би била не исполнување на уставните обврски кон новите градоначалници.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата