Во голема акција на Европол се уапсени 15 Албанци, им заплениле милион евра во кеш

1.08.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во голема акција на Европол се уапсени 15 Албанци, им заплениле милион евра во кеш

Албанските власти, во соработка со Европол и белгиските, холандските и француските органи за спроведување на законот, уапсиле 15 осомничени членови на озлогласена албанска организирана криминална група осомничени за различни кривични дела - од перење пари до трговија со дрога и нарачани убиства, соопшти Европол.

Во соопштението се наведува дека во рамките на операцијата ГОРГОН, вчера во Тирана биле извршени серија рации против клучни фигури во криминалната мрежа и биле запленети значителни имоти, вклучувајќи недвижен имот и еден милион евра во готовина.

Членовите на групата се осомничени за бројни нарачани убиства, трговија со дрога и перење нелегални профити преку сложени трансакции со криптовалути.

Меѓу уапсените е и истакнат перач на пари од Тирана, кој обезбедувал услуги на неколку други криминални групи од висок профил, ангажирани на меѓународно ниво во убиства, корупција и трговија со дрога.

Истрагата откри и дека водачот на оваа организирана криминална група и неговите соработници нарачале убиство на повеќе членови на ривалски криминални групи, а за нив се заслужни најмалку седум убиства во периодот од 2019 до 2020 година, од кои едното било извршено надвор од границите на Албанија, се посочува во соопштението на Европол.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата