Црна Гора ќе користи сателитски снимки за откривање дивоградби

7.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Црна Гора ќе користи сателитски снимки за откривање дивоградби

Министерот за просторно планирање, урбанизам и државен имот на Црна Гора Славен Радуновиќ денеска потпиша договор со компанијата „Веком Гео“, избрана на јавен тендер, за изработка на сателитски снимки од територијата на државата и испорака на комплетен софтверски пакет за автоматско откривање на бесправно изградени објекти.

Како што соопшти Министерството, снимањето ќе започне веднаш со цел Законот за легализација на бесправно изградени објекти да биде усвоен до крајот на јули. „Овој закон ќе биде едно од најважните решенија во областа на просторното планирање и има за цел трајно да ја прекине праксата на нелегална градба и да овозможи легализација на постојните објекти“, се наведува во соопштението.

Радуновиќ истакна дека борбата против бесправната градба ќе се води без компромис. - Воспоставуваме нулта толеранција. Сателитските снимки и софтверот ќе обезбедат прецизна и објективна евиденција на сите објекти во државата. Бесправната градба оди во минатото!, рече министерот.

Преку новиот систем, инспекторите ќе добијат визуелен приказ каде легалните новоизградени објекти ќе бидат обележани со зелена боја, а нелегалните со црвена. Според Радуновиќ, на улцинските плажи има меѓу 150 и 200 диво изградени хотели, кои не плаќаат даноци и работат целосно на црно. Наместо уривање, Владата ќе се стреми да ги внесе во легален туристички промет.

Според новиот закон, легализацијата ќе биде дозволена за објекти кои не го загрозуваат јавниот интерес, со задолжително плаќање на комуналии, а можност за отплата ќе има и до 30 години. Во спротивно, објектите ќе бидат срушени, порача министерот. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата