Гувернерката на Народната банка на Србија (НБС), Јоргованка Табаковиќ, изјави дека забавувањето на инфлацијата во Србија на 2,8 проценти во октомври оваа година во голема мера е резултат на спроведувањето на уредбата за ограничување на трговските маржи.
Таа на презентацијата на извештајот за инфлација изјави дека такви резултати би имало и без таа регулатива, што е во сила од септември, и во наредниот период инфлацијата ќе се движи во рамките на очекувањата на централната банка.
Според Табаковиќ, растот на бруто домашниот производ (БДП) во третиот квартал од оваа година бил помал од проекциите на НБС.
„Новата проекција на НБС е дека растот на БДП за оваа година ќе биде 2,1 процент“, рече Табаковиќ.
Проектираниот раст на БДП во српскиот буџет за 2025 година изнесувал 4,2 проценти.
Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, денеска изјави дека и покрај тешките времиња во кои се наоѓа целиот свет, Србија останува привлечна за странски инвестиции и изјави дека според проекциите, растот на БДП оваа година ќе изнесува 2,3 проценти.
„Проценките се дека растот ќе биде три проценти следната година и пет проценти во 2027 година, бидејќи тогаш се очекува голем инвестициски циклус“, рече Мацут на презентацијата на публикацијата „Бела книга 2025“ на Советот на странски инвеститори, и изјави дека се очекува и намалување на дефицитот и учеството на јавниот долг во БДП.
Тој нагласи дека Србија сака да стане регионален центар за иновации, логистика, обновливи извори на енергија и високотехнолошко производство.

