По денешниот скандалозен инцидент во српското Собрание кога дојде до туркање и физичка пресметка меѓу пратениците на владејачката СНС и опозицијата, со реакции излегоа и речиси сите опозициски партии, оценувајќи дека станува збор за државен удар на власта, циркус, колапс на корумпираниот режим....
Претседателот на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ оцени дека членовите на владата направиле циркус од собраниската седница, додавајќи дека секојдневно ги уништуваат институциите и газат закони.
-Цела Србија пропадна, сите институции пропаднаа. И ова е само доказ дека ќе треба да се бориме против нив на сите можни начини, бидејќи институциите очигледно веќе не постојат. И тие се оние кои доведоа до оваа ситуација (...) Ја уништуваат Србија, убиваат граѓани на Србија, уништуваат институции, газат закони. Се бориме да го спасиме тоа што може да се спаси во Србија, рече Алексиќ на прес конференција во Народното собрание.
Претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас оцени дека „Ана Брнабиќ изврши државен удар во Србија по наредба на Александар Вучиќ“.
-Го згасна парламентот, ја затвори можноста за парламентарна дебата, го згасна Собранието на Србија. Со тоа почна кога одби да го стави на дневен ред барањето на повеќе од 80 членови на опозицијата за расправа за доверба на Владата поради трагедијата во Нови Сад, рече Ѓилас.
Заменик-претседателот на Партијата за слобода и правда (СПП) и пратеник во српското Собрание, Борко Стефановиќ, оцени дека претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска „на однапред подготвен начин“ го укина парламентот, државата и остатоците од каков било ред и процедури во Србија.
Коментирајќи ја собраниската седница, тој за агенцијата Бета рече дека Брнабиќ тоа го направила „на однапред подготвен начин од претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Српската напредна партија“.
Пратеникот од Движењето на слободни граѓани (ПСЃ) Павле Грбовиќ изјави дека претседателката на Народното собрание денеска „и официјално го укина парламентот“.
-Ова е втор закон за редовен буџет што се носи без дискусија. Затоа трите милијарди долг од фискалниот дефицит повторно се усвојуваат без никаква расправа, рече Грбовиќ.
И за него денешниот инцидентот е исцениран и дека тепачката почнала кога министерот за здравство Златибор Лончар го нападнал пратеникот Радомир Лазовиќ.
-Јасно е и зошто го направија тоа, јасно е и зошто им беше во интерес да избегнат каква било дискусија, рече Грбовиќ.
Претседателот на Демократската партија, Зоран Лутовац, пак, изјави дека Брнабиќ не разбира или нема да разбере која е задачата и обврската на парламентот.
-Неверојатна е изјавата на претседателот на парламентот дека не е на собранието да бара одговорност за трагедијата во Нови Сад, изјави Лутовац.
„Собранието носи закони, но ја контролира и извршната власт и ги разгледува најважните општествени прашања, а најважно е прашањето за одговорноста за она што се случи во Нови Сад“, додаде тој./МИА