Според главниот јавен обвинител на Белград, Ненад Стефановиќ, покрај Грчиќ се уапсени уште 14 лица.
Тие се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластувањата во врска со јавни набавки за државната компанија ЕПС, со што ја оштетиле фирмата за над еден милион евра, прибавувајќи противправна имотна корист, изјави Стефановиќ.
Српското МВР објави снимка од акцијата, на која се гледа голема количина пари, накит, златни дукати и часовници, за кои се тврди дека се запленети при апсењето.
„Некои од осомничените се товарат и за давање и примање мито во форма на парични подароци, кои потоа ги прикривале со извршување на кривичното дело перење пари“, додаде обвинителот.
Тој истакна дека Обвинителството ќе нареди и финансиска истрага против осомничените и нивните соработници.
Иако не го спомена експлицитно името на Милорад Грчиќ, Стефановиќ потврди дека меѓу уапсените е и актуелниот градоначалник на Обреновац и поранешен вршител на должност директор на ЕПС.