Рама: Мигрантите нема да смеат да излезат од кампот во Ѓадр

13.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Рама: Мигрантите нема да смеат да излезат од кампот во Ѓадр

- Судбината на нивната иднина ќе треба да ја чекаат само внатре во сместувачките капацитети во кампот во Ѓадр, изјави Рама во интервју за италијанскиот дневен весник „Ла Република“, додавајќи оти за се што ќе се случува внатре во кампот одговорноста е само на официјален Рим.

Договорот предвидува мигрантите да не можат да го напуштат кампот и слободно да се движат во Албанија.

Но, Рама во интервјуто не даде објаснување за прифатните центри, што требаше да почнат со работа во мај.

Тој вели дека нема информации и за точниот датум кога ќе пристигнат првите мигранти ниту дали ќе има „свечено сечење на лента“, додавајќи дека тоа е се под надлежност на италијанските власти.

Тој исто така е скептичен дали некоја друга земја од Западен Балкан ќе преземе таква обврска.

Прифатниот центар во Шенѓин и кампот во Ѓадр ќе бидат две структури под италијанска јурисдикција, каде се очекува да бидат сместени имигрантите фатени од италијанските власти во меѓународните води. 

Според договорот меѓу Рим и Тирана, илегалните мигранти кои пристигнуваат во Италија ќе бидат транспортирани со брод до пристаништето Шенѓин, каде ќе им се утврдува идентитетот и ќе им се прави првиот здравствен преглед, по што ќе бидат префрлени во блискиот град Ѓадр, поранешна воена база, каде што ќе бидат сместени и ќе го чекаат одговор на барањето за азил.

Во кампот во Ѓадр ќе можат да престојуваат до 3.000 мигранти месечно или 36.000 годишно. Целокупните трошоци се на италијанската Влада, која за пет години ќе ја чинат најмалку 670 милиони евра. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата