Рачно изработен експлозивен механизам откриен пред домот на познат грчки новинар во Атина

10.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Рачно изработен експлозивен механизам откриен пред домот на познат грчки новинар во Атина

 Рачно изработен експлозивен механизам попладнево беше откриен пред зградата во која живее познат грчки новинар во северниот дел на Атина, а Секторот за деактивирање на експлозивни направи ја пронајде и ја отстрани бомбата, која не експлодирала, за да ја достави за дополнителна истрага, јави дописничката на МИА од Атина.

Според неофицијалните информации, експлозивната направа имала пет прачки динамит и детонатор, а не претходел никаков предупредувачки повик, како што е најчесто случај во Грција.

Бомбата била поставена во дворот пред зградата во која живее новинарот Јанис Претендерис, а ја открил полицаец кој бил на должност во близина.

Полицијата и возило на противпожарната служба целосно ја затворија улицата пред зградата, додека припадници на Секторот за деактивирање на експлозивни направи ја вадеа бомбата.

Инцидентот го осудија владиниот портпарол, како и партиите Нова демократија, ПАСОК и СИРИЗА.

Новинарот Јанис Претендерис е познат и искусен грчки новинар, а моментално е дел од телевизијата Мега. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата