Поплави во БиХ: Реката Босна се излеа во близина на Сараево (ВИДЕО)

27.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Поплави во БиХ: Реката Босна се излеа во близина на Сараево (ВИДЕО)

Фоторепортерот Klix.ba сними драматични снимки од воздух на кои се прикажани поплавените области во сараевската рамнина, во населбите Бојник, Доглоди и Рајловац. Поплавен е и просторот околу автопатот, но автопатот засега не е во опасност.

Поради зголемениот водостој на реката Босна, ситуацијата предизвикува загриженост кај локалното население, додека реката Миљацка во главниот град на БиХ е забележително заматена со зголемен проток на вода.

Зголеменото ниво на реките предизвикува проблеми и во другите делови на земјата. Во Маглај, сообраќајот под градскиот мост е во прекин поради надојдените води на реката Босна, додека еден од влезовите во Зеница е блокиран. Општина Олово прва донесе одлука за прогласување на првиот степен на заштита од поплави, пишува Кликс.

Главните врнежи се очекуваат во вечерните часови и во наредните денови, што може дополнително да ја влоши состојбата на терен. Во Високо, реката Босна веќе се излеа од коритото на неколку локации, што им го отежнува животот на локалното население и локалните власти. Дополнителни компликации создаде реката Фојница, која не можеше нормално да тече поради високиот водостој на Босна, што доведе до нејзин брз раст.

Во областите Какањ и Високо поплавени се многу зелени површини, меѓу кои земјоделски имоти и станбени дворови. Градскиот штаб на Цивилна заштита ја следи состојбата и ги сумира штетите.

Покрај проблемите со поплавите на вода, отежнат е сообраќајот низ државата. Големите количества вода на коловозите го забавија сообраќајот, а на возачите им се препорачува дополнителна претпазливост. Локалните штабови за цивилна заштита и надлежните служби ги повикуваат граѓаните да бидат внимателни и да ја следат состојбата, особено во подрачјата подложни на поплави.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата