Како што потврдија од ЦИК во Сараево, изборите ќе бидат одложени или подоцна ќе се одржат во Јабланица, Коњиќ, Кисељак и Крешево. Во наведените општини во недела нема да биде отворено ниту едно избирачко место, иако не сите делови беа подеднакво погодени од поројните поплави.
Изборите ќе се одложат и во Фојница, но само на три избирачки места.
-Врз основа на тоа што утринава го добивме како информација и откако ја разгледавме општата состојба на теренот, донесовме одлука за одложување на изборите, рече претседателката на ЦИК, Ирена Хаџиабдиќ, објаснувајќи дека одлуката за тоа кога ќе се организираат изборите во овие четири општини ќе се донесе дополнително.
Во сите други делови на Босна и Херцеговина изборите ќе се одржат во согласност со претходните планови.
Граѓаните на Босна и Херцеговина утре имаат можност да изберат нови градоначалници и шефови на општини, како и нови свикувања на градските и општинските совети, како и ново собрание на областа Брчко.
За изборите се пријавени 110 политички партии, а на изборните листи има над 26.000 кандидати.
Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, денеска ги повика сите граѓани во БиХ да го остварат своето право на глас и на тој начин директно да влијаат врз креирањето на политиките во локалните заедници.
Тој потсети дека во март лично интервенираше со измена на Изборниот закон, обидувајќи се да обезбеди поголема транспарентност и регуларност на гласањето и утврдувањето на изборните резултати. За таа цел, употребата на нови технологии ќе се тестира на одреден број избирачки места. Таму електронски ќе се проверува идентитетот на гласачот, а резултатите од гласањето ќе се обработуваат со скенирање на гласачките ливчиња.
„Вашето учество (на изборите) придонесува за напредок, стабилност и подобро утре. Вашиот глас е важен и вашето мислење е важно“, се вели во пораката на Шмит./МИА