Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека во врска со уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, уште едно лице е уапсено, додека уште еден осомничен е недостапен за органите на прогонот, јави дописникот на МИА од Белград.
Обвинителството соопшти дека е уапсена З. С. М. поради основи на сомнение дека сторила кривично дело Тешко дело против општата сигурност од чл.288 ст.2 од Кривичниот законик во врска со кривичното дело Непрописно и неправилно вршење градежни работи.
Оттаму додаваат дека е констатирано дека едно лице кое се сомничи дека го сторило истото кривично дело во моментов е недостапно за органите на прогонот.
Претходно денеска 11 лица беа уапсени во врска со трагедијата во Нови Сад, кога при падот на настрешницата на железничката станица во тој град загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Меѓу 11-те уапсени се и министерот за транспорт во оставка Горан Весиќ, неговата помошничка задолжена за железнички и интермодален транспорт Анита Димоска, Јелена Танасковиќ која вчера поднесе оставка од функцијата в.д. директор на „Железничка инфраструктура“, како и нејзиниот претходник Небојша Шурлан.