Вишото јавно обвинителство во Белград му наложи на Третото основно јавно обвинителство да преземе дејствија и да ги идентификува и процесира, во соработка со полицијата, лицата кои синоќа ги нападнаа студентите Милош Павловиќ и В. Б. и им нанесоа физички повреди. Павловиќ е лидер на студснтите кои се противат на блокадите.
Студентот Милош Павловиќ беше нападнат синоќа во Белград, додека бил со двајца другари во кафуле во близина на Студентски град, објавија медиумите. Засега не е познато кои се напаѓачите.
Тој беше ноќеска пренесен во Ургентниот центар, каде што му беше укажана лекарска помош и каде изјави дека добил неколку удари во лицето и дека кон него било фрлано со лименки и со вода.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, разговараше во Претседателството со студентот Милош Павловиќ, кој рече дека тој и уште двајца колеги биле нападнати синоќа во Студентскиот град во Белград. Вучиќ рече дека „државата повеќе нема да толерира насилство“ и дека „сите што учествувале во линчувањето ќе бидат повикани на одговорност и до сите ќе биде испратена јасна порака“.
Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, утрово изјави дека нападот бил врз студенти кои сакаат да учат е нацизам и истакна дека насилството нема да се толерира во Србија, посочувајќи дека нервозата кај студентите кои блокираат, за кои таа вели дека се фашисти, е се поголема затоа што наставата продолжува на се повеќе факултети.
Насилството врз студенти во Србија продолжува - во понеделникот навечер беше претепан студент на Правниот факултет кој бил со две колешки во кафуле во близина на факултетот. Професорите се загрижени бидејќи тоа е втор инцидент за два дена. Напаѓачите се уште не се пронајдени, а биле петмина. Студентот Петар Живковиќ кој беше претепан, е син на полициски генерал предвреме пензиониран, според белградски медиуми - поради блокади на факултетите во кои учествувал неговиот син.
Во вторникот на Правниот факултет студент удри професорка, студент и човек од обезбедувањето на факултетот.