Стотици хартиени фенери од плоштадот пред општина Атина отпатуваа кон небото со цел за на божиќната ноќ да испратат порака на надеж и оптимизам во рамките на „Ноќта на желбите“, што традиционално се одржува секоја година во пресрет на Божиќ, јави дописничката на МИА од Атина.
Семејства со деца, друштва, туристи, граѓани од сите возрасти го исполнија плоштадот, но и небото со 1.500 хартиени биоразградливи фенери.
Додека во Атина фенерите со желби патуваа, стотици километри на север, во градот Лариса се одржа „Christmas Parade“, односно првата Божиќна парада во Грција.
Снешковци, Дедо Мразовци, луѓе-колачиња, оревокршачи, балерини, џуџиња, снегулки итн. – над 1.000 учесници во 12 тематски делови, односно 12 групи со учесници, парадираа низ улиците на Лариса.