Минатиот месец беше вториот најтопол јуни во Грција во изминатите 16 години

1.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Минатиот месец беше вториот најтопол јуни во Грција во изминатите 16 години

 Просечната вредност на максималните дневни температури минатиот месец во Грција биле над нормалните нивоа за сезоната споредбено со просекот во периодот 2010-2019 година, со што јуни годинава бил вториот најтопол јуни во изминатите 16 години, според податоците од мрежата од 53 метеоролошки станици на Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, јави дописничката на МИА од Атина.

За јуни 2025 година карактеристични биле постојано високите температури, „со неколку привремени падови на температурата блиску до или малку под просекот од 2010 – 2019 година“.

- Во сите географски региони на земјата (со исклучок на островите во Егејското море и Додеканезите), јуни 2025 година беше втор најтопол јуни од 2010 година, а јуни минатата година (2024), останува убедливо најтопол јуни досега. Најголемите позитивни отстапувања во јуни 2025 година беа забележани во северна Грција, западна Грција и Пелопонез, со два до три степени Целзиусови над нормалните нивоа за сезоната, пишува порталот Метео.

Во Атина, температурата во јуни, во просек била 2,1 степен над нормалната, а 24 од 30 дена биле со температури над нормалните нивоа за сезоната.

Во Солун, според податоците, 22 дена во месецот биле над просекот од периодот 2010-2019 година, а просечната максимална температура била за 1,6 степени над нормалните нивоа. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата