Мелони: Ниту чекор назад, договорот со Албанија за мигрантите ќе функционира

5.12.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мелони: Ниту чекор назад, договорот со Албанија за мигрантите ќе функционира

- Договорот со Албанија ќе функционира. Не преземам задачи што не можам да ги исполнам. Не грижете се, ќе најдеме и законски решенија. Мислам дека договорот со Албанија треба да функционира затоа што тој е иновативен договор, изјавила Мелони, пренесуваат албанските медиуми.

Договорот за прифаќање мигранти, на 6 ноември минатата година, во Рим, го потпишаа премиерите Еди Рама и Џорџа Мелони, кој предвидуваше сместување на 3 илјади мигранти месечно, односно 36 илјади годишно, кои, по прифаќањето во прифатниот центар во пристанишниот град Шнѓин, во кампот во Ѓадр треба да го чекаат одговорот на барањето за азил.

Со италијанскиот брод „Либра“ во два наврати пристигнаа вкупно 24 мигранти, од Египет и Бангладеш, но и двете групи беа вратени назад, откако судот во Рим одлучил случајот да го испрати до Судот на правдата на ЕУ, бидејќи оценува дека споменатите две земји не се во групата безбедни земји.

Со втората група заминаа и 80 лица од обезбедувањето а подоцна и други педесетина меѓу кои социјални работници и медицински лица.

Во телевизиското гостување шефицата на италијанската влада, исто така, зборувала за тензиите во нејзината влада каде што се шпекулира за раскол меѓу партијата „Лега Норд“ на Матео Салвини и нејзината партија „Браќа на Италија“.

Мелони изјавила дека како и во „секој однос во политиката има несогласувања за одредени прашања“, но гарантирала дека нејзината влада нема да падне.

- Во нашата влада наутро се караме, а навечер пиеме чаша вино заедно. Ние всушност не се караме, има некои пречки и тоа е природно. Но, знаеме што очекуваат и на што се надеваат Италијанците. Нашата влада нема да падне, вели Мелони.

Таа се фокусирала на добрите работи што заедно со Салвини ги направиле за италијанските граѓани, оценувајќи дека „вакво нешто потврдува дека политичката врска меѓу нив е сè уште многу силна“. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата