- Нашето друштво стана прво друштво од Република Албанија рамноправен член на ФУЕН на конгресот што се одржа на 15 мај 2015 година во Комотини, Грција, во организација на Федерацијата на западно тракиски Турци во Европа, Здружението на дипломирани студенти на Западна Тракија и Партијата за пријателство, еднаквост, мир, како и партијата на турското малцинство во Грција, рече за МИА претседателот Никола Ѓурѓај.
Од тогаш до денес, додаде, друштвото дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија.
Исто така континуирано работи на заштитата на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија.
-Во овие десет години редовно учествуваме на сите конгреси на унијата, на кои поднесовме резолуции, чија содржина и цел беше подобрување на животот на Македонците во Република Албанија и сите беа усвоени. Тие се пратени до државните албански и меѓународни институции кои се поврзани со малцинствата. Овие резолуции придонесуваат за подобрување на положбата на Македонците во Република Албанија, посочи тој.
Македонското друштво „Илинден“ - Тирана и како дел од Работната група на словенските малцинства во Европа при ФУЕН, активно го покренува прашањето за Македонците во Република Албанија на меѓународната сцена.
-Во оваа прилика упатуваме искрена благодарност до раководството на ФУЕН за соработката и разбирањето покажано за интересите на македонското национално малцинство во Република Албанија. Голема благодарност и до Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада и претседателот Бил Николов, за помошта што ни ја дава за намирување на годишната членарина за да можеме да бидеме рамноправен член во оваа асоцијација, нагласува тој.
Посакува да се множат „јубилеите и пријателствата со сите народи и малцинства во Европа“.