Кристијан Шмит: Недозволиво е фотографиите на Младиќ и Изетбеговиќ да бидат во учебниците

15.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кристијан Шмит: Недозволиво е фотографиите на Младиќ и Изетбеговиќ да бидат во учебниците

Високиот меѓунароен претставник во БиХ Кристијан Шмит во интервју за телевизијата FACE изјави дека ќе направи сè за да се подобри целокупниот образовен систем во Босна и Херцеговина, а потоа ги стави во иста реченица осудениот воен злосторник Ратко Младиќ и првиот претседател на БиХ Алија Изетбеговиќ, пренесува Klix.ba.

Шмит зборуваше за различните наставни програми во двата ентитета на БиХ и истакна дека не сака да види две училишта под еден покрив, туку дека е можно само едно училиште под еден покрив.

Рече дека треба заедно да седнат и да изработат заеднички курикулум, инаку тоа ќе биде предавство на младите генерации.

- Неприфатливо е во учебниците да се видат фотографии на Ратко Младиќ и Алија Изетбеговиќ. Зошто ставате слики? Дозволете им на децата да учат и да донесуваат сопствени одлуки, рече Шмит.

Изјавата предизвика бурни реакции во БиХ, особено меѓу Бошњаците, а реагираше и СДА, партијата во која беше член и покојниот Изетбеговиќ.

„Изјавата на високиот претставник Кристијан Шмит дека фотографиите во учебниците на Ратко Младиќ и Алија Изетбеговиќ се еднаков проблем е скандалозна. Недозволиво е овие две имиња да се споменуваат во иста реченица и да се изедначуваат во кој било контекст“, изјавија од СДА. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата