Кефалојанис: Грчката „Железна купола“ ќе има четирикратна функција

27.12.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кефалојанис: Грчката „Железна купола“ ќе има четирикратна функција

Противвоздушна, противдронска, антибалистичка, но и противбродска одбрана ќе има грчката „Железна купола“, што се очекува во првите месеци на 2026 година да биде ставена во функција, а ќе чини над две милијарди евра, според заменик-министерот за одбрана на Грција Јанис Кефалојанис, кој откри детали говорејќи за радијата „Скај“ и „Talk radio“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Целта е да имаме целосно функционална купола во пролетта 2026 година, која во суштина ќе има четирикратна функција. Ќе биде и противдрон и антибалистички и противвоздушен, во однос на воздушните закани, но и противбродски систем во однос на поморските закани. Го штитиме Егејското море од секаква можна опасност, без во првата фаза, да мораме да ги користиме авионите кои досега пресретнуваа или бродовите кои вршат набљудување на море. Очигледно ќе биде скап систем, нема да чини, според првите процени, под 2-2,5 милијарди евра, објасни Кефалојанис за „Talk radio“.

Додаде дека конечниот износ ќе се утврди преку тендерскиот процес, а во однос на видот на системот рече дека во некои аспекти ќе биде како израелскиот, „но бидејќи заканата е различна од онаа со која се соочува Израел, карактеристиките може да бидат малку поинакви“.

Во интервјуто за „Скај“ посочи дека „кога постои нелегален casus belli од страна на Турција“, мора да бидат подготвени во секое време да ги обезбедат суверените права и истакна дека станува збор за систем што е за одвраќање, а не за напади и ќе ја покрива целата земја. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата