Грција задоволна од начелниот договор на ЕУ за миграциското прашање

9.06.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Грција задоволна од начелниот договор на ЕУ за миграциското прашање

Тоа го соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција во однос на начелниот договор на Европската унија за Новиот пакт за миграцијата, јави дописничката на МИА од Атина. 

На состанокот во Луксембург, на кој учествувале службениот министер за миграција и азил на Грција Данаил Есдрас и генералниот секретар за миграција Патроклос Георгиадис, бил постигнат договор, кој според надлежното грчко Министерство е „еден чекор во обидот да се дојде до крајот на патот, а тоа е усвојување на Пактот за миграција и азил, кој се состои од 11 закони“.

Од Министерството за миграција и азил на Грција соопштија дека меѓу одлуките е и создавање задолжителен механизам за солидарност, обезбедување континуирано олабавување на границите, а паралелно се поддржува концептот на безбедни трети земји и се воспоставува годишна политичка дискусија на министерско ниво за состојбата во мигрантското прашање.

Додаваат дека во исто време постоеле суштински преговори за начинот на кој се дели одговорноста преку Даблинската регулатива. 

– Грција се бореше во новата Регулатива да биде вклучен нов критериум, кој предвидува одговорноста за разгледување на барањето за азил да заврши за 18 месеци, наместо 10 години како што беше до денес, кога барањето е одбиено при граничните процедури за азил, соопштија од грчкото Министерство.  

Посочија дека за време на шпанското претседателство со Европската унија ќе се преговара за завршување на две клучни регулативи, кои се однесуваат на солидарноста, поделбата на одговорноста и зајакнувањето на контролите на границите на ЕУ. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата