Со 177 гласа „за“, 74 „против“ и 42 „воздржани“, грчкиот Парламент го изгласа амандманот што предвидува во следните три месеци да се суспендираат поднесувањата барања за азил од мигранти од северна Африка, кои нелегално влегле во Грција со пловно средства и при тоа ќе се враќаат, без регистрација, или во земјата од која дошле или во земјата на потекло, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис рече дека беше изгласан „важен и апсолутно неопходен амандман“, што според него, има за цел да ја „заштити земјата од зголемувањето на нелегалните пристигнувања“ и паралелно упати критики до опозициската ПАСОК затоа што гласала „воздржана“. .
Претходно, левичарската Курс на слобода достави барање да се гласа неуставност на амандманот, меѓутоа ова барање не го доби потребното мнозинство.
Министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис посочи дека во 2024 година во земјата пристигнале 4.000 луѓе од северна Африка, додека пак во првите пет месеци од годинава бројката е двојно поголема, а во последните денови имало дури и по 1.000 пристигнувања дневно.
За конкретниот амандман, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во изјава за германскиот весник „Билд“ истакна дека нивната порака е дека „Грција не е отворен коридор кон Европа“, изрази подготвеност тесно да соработуваат со либиските власти за да се спречат поаѓањата од Либија, но и додаде дека е потребен „унифициран европски одговор“.