Фигаро: Во Србија младите на протести ја оспоруваат Владата, обвинувајќи ја за корупција

24.12.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фигаро: Во Србија младите на протести ја оспоруваат Владата, обвинувајќи ја за корупција

Жално, пишува денеска францускиот весник Фигаро, додавајќи дека младите во Србија ја оспоруваат власта, која ја обвинуваат за корупција.

„Се слушаше само лаење на кучиња и звук на врани, тоа беше заглушувачката тишина одбележана во неделата на протестот на десетици илјади луѓе собрани во Белград и Ниш. Петнаесетина минути не ѕвонеа мобилните телефони, туку беа подигнати кон небото во спектакуларно море од светлина", ја пренесува парискиот весник атмосферата на собирот, наведувајќи дека 15 минути молк беа за 15-те луѓе кои загинаа при уривање на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.

Речиси два месеци по трагедијата, динамиката на бунтот предводен од студентите не стивнува. Тие бараат властите да ги преземат своите обврски, бараат објавување на сите договори потпишани со кинескиот конзорциум што ги вршел работите за реновирање, како и покренување обвинение за оние кои ги нападнале на демонстрациите, за кои се сомневаат дека припаѓаат на фалангите на партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Насобраните носеа плакати со натпис „Рацете ви се крвави“, додека на белградскиот плоштадСлавија стоеше голем транспарент „Сите сме под еден покрив“, пишува париски весник, пренесувајќи дека на плоштадот во Белград и големите околни улици беа полни со луѓе.

„Сакаме правда, а не мито“, порачаа студентите, алудирајќи на минатонеделното ветување на претседателот Александар Вучиќ дека државата „ќе гарантира поволни заеми за купување станови за младите“.

По 15 минути молк, следеше 15 минути бучава, свирежи и тапани со извици „Вучиќ - оставка“, „Убијци“. - Трагедијата во Нови Сад не е несреќа, туку уште еден резултат на широко распространета корупција, изјави студентот по хемија Ранко Матејиќ.

„Кражбата, ароганцијата и неспособноста не се слабостите на оваа власт, тие се нејзината суштина, рече Павле Цицвариќ, од студентската организација Борба, која има централна улога во мобилизацијата, пишува Фигаро.

Бранот на гнев доведе до блокада на сите факултети на Универзитетот во Белград и Нови Сад, како и на оние во Ниш и Крагуевац, со масовна поддршка на наставниците и родителите. Вкупно околу 60 институции.

На иницијаторите на блокадите им се придружија некои приватни факултети, како и бројни здруженија на граѓани, некои земјоделци, особено колективот „Не Дамо Јадар“, кој се противи на експлоатацијата на литиумот на Рио Тинто, адвокати, личности од театарот и кинематографијата, па дури и спортисти, како што се Сава Милошевиќ и Новак Ѓоковиќ, пренесува Фигаро.

Минатата недела и средните училишта почнаа да се солидаризираат со учениците, а професорите да штрајкуваат. Можеби режимот прогласи порано распуст за учениците, но безуспешно. Најавуваат дека и онака ќе ги окупираат училиштата, посочува Фигаро.

- Се наоѓаме на пресвртница. Овој митинг беше уште помасовен од оној на 5 октомври 2000 година, кој доведе до пад на Слободан Милошевиќ, и покрај откажувањето на автобуските линии, запрените возови и стравувањата од насилство. Но, процесот ќе продолжи и неговиот развој ќе зависи и од позициите на армијата, полицијата, моќните разузнавачки служби и богатите елити поврзани со владата, рече Зоран Стојиљковиќ, професор по политички науки.

Додека провладините медиуми, како Информер, ги обвинуваат студентите дека се „водени од ЦИА“, а опозициските лидери кои ги поддржуваат дека „сакаат насилно да ја преземат власта“, се чини дека претседателот Вучиќ ја менува тактиката, пишува Фигаро.

„Собирот беше исклучително голем. Собра луѓе кои се во опозиција, но секогаш сум подготвен да слушнам што имаат да кажат, бидејќи мирот и стабилноста се најважни“, напиша Вучиќ во неделата на социјалните мрежи од претседателската палата.

Студентите возвратија: „Ништо не го прашавме!“ и „Се обраќаме до институциите“.

„Ова е само почеток, останете со нас“, додаваат студентите, обраќајќи им се на сите кои дојдоа да им дадат поддршка во неделата.

По демонстрациите тие се вратија на своите факултети за да продолжат со блокадите.

„Мислам, значи протестирам“, „Мамо, ќе го положам и овој испит“, пишува на влезот на Филозофскиот факултет во Белград. За идните настани ќе се одлучува на следните состаноци со мнозинство гласови.

Во меѓувреме, продолжуваат секојдневните 15 минути молк и сообраќајни блокади низ целата земја, точно во 11:52 часот, кога на 1 ноември се урна настрешницата, стои на крајот на написот на Фигаро./МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата