Група од 25 членови на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) испратија јавен апел со кој бараат оставка од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, кој според нив, е одговорен за системскиот колапс на клучните демократски, институционални и социјални темели на државата.
„Бараме оставка не од политички причини, туку од морални причини, поради нашата одговорност кон граѓаните и иднината на Србија. Ниту една индивидуа не смее да го загрозува демократскиот поредок и интересите на државата поради лична или партиска моќ“, соопшти САНУ.
Во соопштението се укажува на бројни проблеми што го загрозуваат правниот и општествениот поредок: манипулација на изборниот процес преку купување гласови и злоупотреба на државни ресурси, контрола врз судството, потиснување на слободата на медиумите, злоупотреба на јавната служба за пропагандни цели, како и прекумерно задолжување на државата без јавна дебата и контрола.
Академиците, исто така, укажуваат на прикривањето на криминалните работи, широко распространетата корупција, нетранспарентноста во работата на државните органи и систематскиот колапс на основните општествени столбови како што се образованието, здравството, науката, културата и уметноста.
Во време на растечка социјална поларизација и длабока институционална криза, членовите на Академијата сметаат дека оставката на претседателот Вучиќ е единствениот начин да се отвори простор за дијалог, да се обноват институциите и да се врати довербата на граѓаните во државата.