По укажувањата од граѓаните и туристите за заматена вода и можни проблеми во морето во делот околу Фурка и Посиди на првиот крак на Халкидики, особено по поплавите во Грција, општина Касандра направила анализи на примероците од водата, а резултатите покажале дека е чиста, незагадена и безбедна, јави дописничката на МИА од Атина.
Од општината соопштија дека вчера ги добиле резултатите од анализите „кои покажуваат дека нема загаденост и нема причина за загриженост“.
-Морето во Касандра се беспрекорно чисто и подготвено да ги пречекаат граѓаните и посетителите, соопштија од општината.
Градоначалничката на Касандра Анастасиа Халкиа во интервју за солунско радио објасни дека од превентивни причини, проверките ќе продолжат и ќе се земаат примероци на секои два дена.
Додаде дека анализите биле за морскиот дел околу Фурка, Посиди и Сивири поради матната вода, која најверојатно се должи на времето и силниот ветер. /МИА