Тој денеска ја прими и веднаш му ја врати папката, на како што рече, исполнетиот мандат на претседателот Радев, откако претходно ги претстави имињата на новиот кабинет, а кој треба да биде изгласан во собранието. Жељасков соопшти дека владата ќе ја сочинуваат три партии, ГЕРБ, БСП – Обединета Левица и „Има таков народ“ на Слави Трифонов.
-Консултациите со БСП и „Има таков народ“ беа засновани на цели, приоритети и принципи на управување. Ги направивме неопходните компромиси, зашто во политиката компромисот е повреден отколку да се прави политичка зделка. Големиот политички компромис кој го направивме е тоа што јас сум на ова место, а не нашиот лидер Бојко Борисов. Повелете, г-не претседател, исполнет извршен мандат , изјави Росен Жељасков, кандидат за премиер на Бугарија.
-Во оваа ситуација, уште денеска ќе издадам и ќе испратам во собранието указ за вашите предлози согласно Уставот за вашиот избор за премиер. , изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.
Овие три партии го немаат потребното мнозинство, но клучната улога за излез од ќорсокакот ја одигра коалицијата ДПС на Ахмет Доган, кој им вети поддршка во собранието, но нема да биде дел од кабинетот. Со неговите 19, мнозинството би имало 126 пратеници, шест повеќе од потребното. Предложената влада, која би ја предводел 56-годишниот Жељасков, инаку поранешен собраниски спикер и министер за транспорт ќе има три вицепремиери и 19 министри. За шеф на дипломатијата е предложен 33-годишниот Георг Георгиев, своевремено заменик на Екатерина Захариева, кој во јавноста стана познат кога како дел од подмладот пред осум години му ја бакнуваше раката на лидерот Борисов. Жељазков не може да прогнозира дали оваа влада, ако биде изгласана, би го истуркала мандатот до крај.
-Можен ли е 4-годишен мандат? –Мандатот е секогаш 4 години, но може да е и поинаку , вели Жељазков
Ова беше седми мандат што Радев го врачува за три години, но сите досега резултираа или со техничка или со влада со кус рок. Исходот со внимание го следи и македонската влада, од каде во повеќе наврати порачуваа дека посакуваат стабилна влада како легитимен соговорник за отворените прашања.