Албанија ги почнува преговорите по кластери за членство во ЕУ

15.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Албанија ги почнува преговорите по кластери за членство во ЕУ

На Втората меѓувладина конференција во Луксембург, Албанија го отвори првиот кластер од преговорите „Основни вредности“, со што воедно стана и првата земја која ќе преговара согласно новата методологија за проширување. На прес-конференцијата со унгарскиот двоец Сијарто и Вархеји, албанскиот премиер Рама рече денешниот чин е историски камен темелник кон целосно обединување. Во неколку наврати зајадливо му се заблагодари на Путин поради тоа што успеал да ги разбуди најскептичните дека местото на Западен Балкан е во ЕУ. Во емотивно, но и сликовито обраќање, изрази жалење што Македонија денеска не е со Албанија, а била меѓу првите кои го почнале процесот. Но, Рама не жали за критиките кои во минатото ги упати на адреса на Бугарија за билатерализација на процесот. 

-И да, стојам на истите работи што ги кажав за нашите бугарски пријатели, бидејќи историјата не може да биде причина за запирање на пристапните преговори за ниту една земја. Различните ставови за тоа која била мајка на нашите херои и со кого водела љубов или каков биометриски идентитет имала и дали биле поврзани кога решиле да водат љубов, се многу интересни теми за историчарите, но мислам дека не се дел од сето она што не поврзува да станеме дел од ЕУ.  , изјави Еди Рама, премиер на Албанија.

Македонското досие беше присутно и во обраќањата на Сијарто и на Вархеји, кои за застојот на проширувањето вината ја лоцираа и кон дел од нивните претходници во Брисел. Велат ЕУ загуби на тежина и кредибилитет, несоодветно е просечното време на чекање да е 15 години.

-Она што го наследив од Комисијата на Јункер, премиерот веќе спомена, повеќе личеше на сообраќајна несреќа, отколку на портфолио. Имавме три неуспешни обиди да постигнеме договор за почеток на преговорите со Албанија и Македонија. , изјави Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување.

Кластерот „Основни вредности“, што го отвори Албанија опфаќа три критериуми – функционирање на демократските институции, реформа на јавната администрација и економски критериуми, како и пет поглавја – Судство и основните права, Правда, слобода и безбедност, јавни набавки, статистика и финансиска контрола. Овој кластер се отвора прв и се затвора последен и го одредува темпото на преговарачкиот процес, кој Албанија го почнува откако пред три недели беше одвоена од преговарачкиот пакет со Македонија, чиј европски пат е условен со уставните измени.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата