ЛШ: Баерн (М) имаше пресврт за победа, но Винисиус обезбеди реми за Реал (ВИДЕО)

30.04.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЛШ: Баерн (М) имаше пресврт за победа, но Винисиус обезбеди реми за Реал (ВИДЕО)

Првите 90 минути од мега-дуелот меѓу Баерн (М) и Реал (М) во полуфиналето од Лигата на шампионите не донесе предност ниту за еден од големите ривали. На „Алијанц Арената“ вечерва видовме четири гола, но на крајот се остана исто како и на стартот. Дуелот заврши без победник (2:2), па одлуката за патникот во големото финале ќе падне следната недела во Мадрид.

За Реал (М) се изгледаше бајковито во стартните 45 минути. Момците на Анчелоти успеаја да ја искористат првата шанса во 23. минута и по одличното додавање на Тони Крос, Винисиус успеа да го погоди голот на баварците и да ги донесе „кралевите“ до водство од 0:1.

За Баерн (М), пак, работите тргнаа одлично на почетокот на вториот дел. Момците на Тухел притиснаа и во период од само четири минути успеаја да направат целосен пресврт. Првин Сане со еден прекрасен гол во 53. минута успеа да израмни на 1:1, а само неколку минути подоцна, Лукас Васкез направи прекршок во шеснаесетникот на Лунин, по кој домашните добија пенал кој Кејн го претвори во водство од 2:1.

Пенал добија и Шпанците. Во 83. минута, Винисиус успеа да погоди од 11 метри и да донесе израмнување на „Алијанц Арената“. До крајот на средбата и двата тима не се обидуваа премногу да ризикуваат за победа и оставија одлуката, сепак, да биде донесена на реваншот.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата