Изборите, кои се одржуваат помалку од две недели по пожарот во станбениот комплекс во кој загинаа најмалку 159 лица, се тест за ставот на јавноста кон начинот на кој локалната влада се справува со последиците од трагедијата.
Фокусот е ставен на излезноста, која падна на околу 30 отсто на последните избори во 2021 година, откако реформата го намали интересот на жителите на Хонг Конг за управувањето. Некои аналитичари сметаат дека растечкото јавно незадоволство од постапките на властите во врска со пожарот, може дополнително да го намали бројот на гласачите.
Во првите шест часа од изборниот ден, до 13:30 часот по локално време, излезноста достигна 15 проценти.
Раководителот на Хонг Конг, Џон Ли, ги повика жителите да излезат на гласање. Тој во петокот изјави дека тоа ќе испрати порака за забрзување на реформите. Ли изјави дека ќе му даде предлог на новото законодавно тело за тоа како да им се помогне на настраданите од пожарот, од кои многумина останаа без дом.
Многу од граѓаните со право на глас, кои се 4,1 милиони, особено демократски настроените луѓе, ја отфрлија политиката по репресиите што следеа по масовните антивладини протести во 2019 година.
Дури и пред изборните промени во 2021 година, само половина од членовите на законодавното тело со 70 места беа избрани од општиот електорат. Сега изборните места се уште помалку – 20 од 90.
Четириесет лица се избираат од комитет кој е во голема мера прокинески. Останатите 30 пратеници претставуваат различни социо-економски групи, на пример од сферата на финансиите, здравството и недвижностите, и се избираат од нивните членови.

