Започна голема битка за клучното јеменско пристаниште

Силите поддржани од коалицијата предводена од Саудиска Арабија утрово го нападнаа градот ал-Худајда, главното јеменско пристаниште.

Како што пренесуваат светските медиуми, во тек е најголемата битка во тригодишната војна меѓу арапската коалиција и бунтовниците Хути, поддржани од Иран.

Борбени авиони и воени бродови на коалицијата извршиле воздушни напади врз утврдувања на Хутите, со цел да ги поддржат операцииите на јеменските војници, јужно од пристаништето на брегот на Црвеното Море, се вели во соопштението на меѓународно признатата јеменска влада во егзил.

Нападот започна по истекот на рокот што коалицијата им го даде на бунтовниците, кои го контролираат градот Сана, а се однесуваше на тоа да предадат едно пристаниште кое е под нивна контрола.

„Ослободувањето на пристаништето ал-Худајда е пресвртница во борбата да го вратиме Јемен под своја контрола, односно да ги поразиме бунтовниците кои им служат на странски агенди“, се вели во одделно соопштение на владата во егзил.

Корисниците на социјалните мрежи објавија видео на кое наводно се гледа конвој од возила кој се приближува до пристанишниот град. Агенцијата АП наведува дека може да се слушнат истрели од огнено оружје во близина на ал-Худајда, откако истекол рокот кој коалицијата предводена од Саудиска Арабија го даде за повлекување на шиитските бунтовници.

Повторното заземање на пристаништето е од клучно значење за Саудиска Арабија. Во текот на конфликтот со Хутите, Ријад се обидува да го блокира ова пристаниште, тврдејќи дека се користи за шверц на оружје.

Од друга страна, организациите за заштита на човековите права често апелираат пристаништето да остане отворено бидејќи сметаат дека е од витално значење за испорака на помош за цивилите и предупредуваат дека новата битка за ал-Худајда може да доведе до хуманитарна катастрофа. Ал-Худајда е густо населен град и предвидувањата на хуманитарните организации се дека во вкрстен оган може да се најдат околу 100.000 луѓе.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари