Трудо: Канадската влада не е вмешана во апсењето на Менг Ванжу од „Хуавеј“

Канадскиот премиер, Џастин Трудо, изјави дека владата на оваа земја не учествувала во апсењето на директорката на кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеј“ – Менг Ванжу на аеродромот во Ванкувер.

Трудо рече дека Отава била информиранa неколку дена однапред за планот за апсење на Менг, на која и се заканува екстрадиција во САД, објави агенцијата „Ројтерс“.

„Надлежните органи донесоа одлука во овој случај без политичко мешање или учество… Тие нè информираа неколку дена однапред дека се работи на овој случај“, изјави Трудо за новинарите во Монтреал.

Запрашан дали разговарал со кинескиот премиер или амбасадор, канадскиот премиер рече дека не зборувал со меѓународни колеги во врска со случајот.

Амбасадата на Кина во Канада побара од канадските власти веднаш да ја ослободат Менг.

Ванжу е заменик претседател и главен финансиски директор на „Хуавеј“, а воедно и ќерка на основачот на компанијата, Рен Женгфеи.

Извори на агенцијата „Ројтерс“ изјавиле дека САД ја истражуваат „Хуавеј“ уште од 2016. година за наводен извоз во Иран на производи со потекло од САД, што претставува кршење на санкциите кои Америка ги има воведено кон таа земја.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари