Судот во Мјанмар ја отфрли жалбата на осудените новинари на Ројтерс

Судот во Мјанмар ја отфрли жалбата на двајцата новинари на Ројтерс, осудени на седум години казна затвор поради кршење на законот за државна тајна.

Судијата Аунг Најнг изјави дека адвокатите не доставиле доволно докази за да ја докажат невиноста на нивните клиенти. „Изречена е соодветна казна”, изјави судијата, објави агенција Ројтерс.

Главниот уредник на Ројтерс, Стивен Адлер, рече дека оваа судска одлука е уште една неправда од многумина кон нивните новинари.

„Тие се зад решетки поради една причина – оние кои се на власт сакаат да ја замолчат вистината”, рече Адлер.

Новинарите беа осудени во септември минатата година во случај кој привлече големо медиумско внимание и многумина го сметаат за тест за напредокот на оваа земја кон демократијата.

Во изрекувањето на пресудата, судијата тогаш рече дека новинарите го прекршиле Законот за службени тајни преку собирање и добивање на доверливи документи.

Новинарите се осудени на седум години затвор, а времето поминато во притвор – од 12 декември 2017 година ќе биде вклучено во времетраењето на казната, рече судијата.

Двајца новинари на судењето изјавија дека двајца полициски службеници им ги предале документите во еден ресторан, додека други двајца за краток период ги уапсиле.

Еден полициски службеник тогаш посочи дека тоа било замка за новинарите.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари