Средба на Зеленски со папата Лав Четиринаесетти, Ватикан бара дијалог за мир во Украина

9.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Средба на Зеленски со папата Лав Четиринаесетти, Ватикан бара дијалог за мир во Украина

Папата Лав Четиринаесетти ја нагласи потребата да се продолжи дијалогот за да се стави крај на војната во Украина, соопшти Ватикан по средбата со украинскиот претседател.

„За време на срдечните разговори, кои се фокусираа на војната во Украина, Светиот Отец ја потврди неопходноста од продолжување на дијалогот и изрази желба актуелните дипломатски иницијативи да доведат до праведен и траен мир“, се вели во изјавата на Светата Столица.

Дополнително, биле разговарани и прашањата за воените заробеници и потребата да се гарантира враќањето на украинските деца во нивните семејства.

Зеленски подоцна во текот на денот ќе се сретне и со италијанската премиерка Џорџа Мелони во нејзината канцеларија во Рим.

Посетата на италијанската престолнина доаѓа во исклучително сложен момент за Зеленски, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, го критикуваше и го обвини дека не го прочитал американскиот план за ставање крај на војната, забележува АНСА.

Вчера, Зеленски доби поддршка од другите свои сојузници на средбата во Лондон со лидерите на Велика Британија, Франција и Германија, како и на состанокот во Брисел со раководителите на ЕУ и НАТО.

Зборувајќи синоќа со новинарите, украинскиот претседател го повтори своето цврсто одбивање да отстапи каква било територија, велејќи дека „очигледно не сакаме да се откажеме од ништо“, иако „да бидеме искрени, Американците денес сакаат компромис“.

„Несомнено, Русија инсистира на откажување од територии“, напиша тој во серија пораки на специјално креиран канал на апликацијата Телеграм. „Според законот, немаме такво право. Според законот на Украина, нашиот Устав, меѓународното право и, искрено, немаме морално право“, додаде Зеленски. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата